ДКСК поведе постапка против поранешната министерка за култура Стојчевска

ДКСК поведе постапка против поранешната министерка за култура Стојчевска

Државната комисија за спречување на корупција денеска (8 ноември) донесе одлука да иницира постапка до надлежните органи во врска со употреба на буџетски средства за приватни цели на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

На денешната седница од Комисијата информираа дека ги потврдуваат наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели при службеното патување на поранешната министерка во Велика Британија и Ирска по повод 30 години дипломатски односи.

„Наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели се потврдуваат, со што се констатира дека биле потрошени средства за приватни цели. ДКСК ќе постапи во рамки на своите надлежности и ќе иницира постапка до надлежните органи“, рече членот Зоран Богоевски.

Според извршениот увид во документацијата, од ДКСК велат дека министерката за култура во 2023 година остварила билатерална посета со трошоци од 1 300 британски фунти аванс, од кои 229 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација. Дополнително, 528 фунти биле подмирени со службена картичка на Министерството за култура, од кои 485 фунти се трошоци кои, како што дополнуваат од ДКСК, не може да се квалификуваат како направени за службени цели.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ неодамна излезе со обвинувања кон пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која, како што соопштија од партијата, додека ја извршувала функцијата во Владата трошела пари од буџетот за лични потреби и луксузирања.

На денешната седница меѓудругото, ДКСК бара поништување на одлуките за назначување на членови на УО на АСЈО од Судски совет и Совет на јавни обвинители.

Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), порачаа антикорупционерите.

Според нив, одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Закон за АСЈО.

Оттаму истакнаа дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не смеат да вршат функции во органи на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Министерствата и општините трошат 2 милиони евра за адвокати

Министерствата и општините трошат 2 милиони евра за адвокати

Два милиони евра се одлеале од општините и министерствата во Северна Македонија за една година само за адвокатски …