До 1 август, 31 отсто од возрасното население во земјава примило прва доза вакцина против ковид-19

До 1 август, 31 отсто од возрасното население во земјава примило прва доза вакцина против ковид-19

Министерството за здравство информира дека заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против ковид-19 вакцинирани се 31 отсто од населението над 18-годишна возраст во земјава. Кај лицата над 50-годишна возраст, опфатот со една доза изнесува 50,6 отсто, кај лицата над 60-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 отсто, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто.

Сепак, доколку бројките се изразат во проценти на население кое примило прва доза вакцина, може да се забележи дека на врвот според процентот на вакцинација се Гевгелија со 46,2 отсто, Кавадарци со 46,1 отсто и Охрид со 45,4 отсто од возрасното население кое примило прва доза вакцина против ковид-19. Наспроти ова, најмал процент на вакцинирано население со прва доза има во Гостивар (18 отсто), Кичево (18,2 отсто) и Дебар (18,6 отсто).

Доколку статистичките податоци се погледнат според бројот на лица кои примиле барем прва доза на вакцина, тогаш на прво место е главниот град Скопје со 159.514 вакцинирани, по што следува Битола со 35.067 лица со примена прва доза и Тетово со вкупно 31.007 граѓани.

Куманово, Прилеп и Охрид имаат помеѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а помеѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, додека пак во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, К.Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, М.Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите.

Од Министерството за здравство ги потсетуваат граѓаните дека во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин.

Исто така, процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба.

Граѓаните имаат можност да се имунизираат и преку процесот на вакцинација со домашна посета, која се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга.

„Вакцини има доволно и истите се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат. Апелираме на што поголема заинтересираност и во периодот што следува. Вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме понатамошно ширење на истиот во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот“, велат од Министерството за здравство.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

цук пожари

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се …