До крајот на септември, конаците на манастирот Трескавец ќе бидат комплетно обновени

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски денеска го посетија манастирот „Успение на пресвета Богородица“ – Трескавец, при што од страна на директорот на НУ Завод и Музеј-Прилеп, Благоја Атанасоски и отец Калист им беа презентирани активностите за реконструкција на манастирските конаци кои целосно изгореа во пожарот во 2013 година.

Градоначалникот Јованоски потенцираше дека Општина Прилеп активно работи на зачувување и промоција на културно-историските споменици кои се наоѓаат на територијата на општината, преку изработка на проекти кои се финансирани од сопствени извори, но и со европски пари.

„Имаме еден заеднички проект за манастирите Трескавец и Св.Архангел Михаил и Марковите Кули кој што е финансиран од ЕУ, проект со кој покрај другото се изработуваат брошури, патокази, мапи, со цел туристите кои ја посетуваат нашата општина да имаат повеќе информации и подобро да се снаоѓаат при посетата на овие три локалитети. Од ова денеска што овде го видовме, сакам да искажам благодарност до изведувачот кој ја приведува кон крај реконструкцијата на конаците и се надевам дека за брзо време ќе дојдеме да ги предадеме во употреба“, изјави градоначалникот Јованоски.

Отец Калист рече дека градежните работи на реконструкцијата на конаците се при крај и дека се очекува до крајот на септември тие да бидат комплетно завршени.

„За да биде се’ готово, мора да биде завршен и проектот за водоснабдување на манастирот, бидејќи без тоа не можеме да ги пуштиме во употреба конаците. Ја искористивме денешната средба со заменик министерот за култура, кој покажа интерес за нашите идни проекти кои се исто така неопходни: проектот за реставрација на црквата, старата трпезарија и се’ она што значи заокружување на проектот ‘Трескавец’. Со градоначалникот напорно работиме на решавање на проблемот со водата, па со оглед на тоа што станува збор за технички работи, очекуваме дека и тоа благовремено ќе биде завршено“, истакна отец Калист.

Благоја Атанасоски, директор на НУ Завод и Музеј-Прилеп нагласи дека градежните работи се одвиваат со добра динамика и дека тие ќе бидат завршени во предвидениот рок.

„Паралелно работиме и на другите објекти кои се, можам да речам, поважни од конаците, а тоа се црквата, магерницата, трпезаријата и камбанаријата за кои се работат истражувачки работи. Формирани се тимови од стручни лица, а врз основа на нивната работа ќе бидат изготвени проекти со цел од следната година да почнеме со конзервација на црквата и другите придружни објекти. Во првичниот проект не биле предвидени две значајни ставки, а кои ќе ги бара капацитетот на комплексот. Со Министерството за култура правиме напори да се издвојат средства за изработка на проект за пречистителна станица за околу 100 лица, а ќе извршиме интервенција и на трафостаницата за зголемување на нејзиниот капацитет. Фондот за реконструкција на конаците изнесува околу 2 милиона евра“, рече Атанасоски.

Раководителот на градежните работи, Никола Ѓулизибариќ рече дека сите градежни активности, вклучително и занаетчиските ќе бидат навремено завршени, иако со оглед на пристапноста до манастирот особено во зимскиот период, условите за работа се тешки.

„Можам да кажам дека направивме ревизија на проектот за противпожарна заштита, со што ќе бидат конечно завршени сите работи на реконструкција на манастирот. Тоа брзо ќе оди и нема да претставува проблем. Единствено останува да ги завршиме оние занаетчиски работи кои бараат повеќе време. Ако ги земеме во предвид решавањето на проблемот со водата и изградбата на пречистителната станица, се сложувам со мислењето дека сите работи можат да бидат завршени до 20 септември оваа година“, изјави Ѓулизибариќ.

Манастирот „Успение на пресвета Богородица“ – Трескавец, беше опожарен на 4 февруари 2013 година.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …