„Веќе имаме приведено лице во врска со настанот. Во овој случај ќе се утврди точна одговорност со име и презиме“, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Во пожарот што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, според податоците на Министерството за внатрешни работи, животот го загубија 51 лице, а повеќе од 100 се хоспитализирани низ болниците во Штип, Кочани и Скопје. Министерот за внатрешни работи изјави дека полицијата ги утврдува околностите за одговорност. Тој изрази сочувство до блиските на загинатите.
„Синоќа околу 2 и 35 часот, полициски служби од Кочани во моментот постапувале по план за контрола на угостителски објекти, па добиле инфо дека во дискотеката избувнал пожар. Од дежурната служба се известени итната медицинска помош, пожарната служба кои пристигнале на лице место и евакуирале присутни во дискотеката. Според првичните информации, пожарот настанал како последица на искри од пиртехнички средства. Во моментот на активирање на прскалките, искрите го зафатиле таванскиот дел и за кратко време пожарот се проширил и се создал црн чад“, рече Тошковски.
Како што информираше, полицијата постапува во координација со Јавното обвинителство. На лице место, освен директорот на Центарот за управување со кризи, Сттојанче Ангелов е и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, премиерот Христијан Мицкоски, виш јавен обвинител и дежурен јавен обвинител.
„Веќе имаме приведено лице во врска со настанот. Во овој случај ќе се утврди точна одговорност со име и презиме“, кажа министерот.
Тошковски додаде дека починати лица има во болниците, а по идентификација ќе бидат дадени на обдукција. На новинарско прашње, дали чувствува морална одговорност и дали ќе си даде оставка, Тошковски кажа дека секој човек при ваква трагедија треба да чувствува одговорност.
Извор: МЕТА