Добриот “пи-ар“ – лек против лажните вести (2)

Пишува: Сотир Габелоски

Се случи во деновите кога градоначалникот на Крушево, Томе Христоски на личниот фејсбук профил обелодени дека отпочнува процесот на децентрализација на Национална установа (НУ) Историски музеј Крушево и НУ Спомен куќа „Тодор Проески“. Оваа кратка информативна објава предизвика збунетост и недореченост кај засегнатите страни, но и кај граѓаните на една мала средина како што е Крушево, каде информацијата се шири со “брзина на светлината“.

По објавата на градоначалникот Христоски, следеа неколку фејсбук статуси и прашања на повеќемина граѓани, во однос на тоа дали децентрализацијата е добра и што тоа ќе значи за локалната самоуправа, алудирајќи на финансискиот дел.

Со намера да спречи ширење на полуинформации, градоначалникот Христоски коментираше на неколку статуси, во кои дообјасни дека префрлањето на надлежноста врз погоре наведените објекти нема да донесе финансиски импликации за граѓаните на општината, а ќе овозможи подобра контрола и менаџирање на овие установи. Дополнително, градоначалникот посочи еден пример на институција која се финансира од Министерството за култура, но е децентрализирана и е во надлежност на локалната самоуправа – Дом на култура „Наум Наумовски – Борче“.

После овие коментари, следеше и официјално соопштение на општинскиот веб сајт krusevo.gov.mk, во кој детално беше објаснето што значи најавената децентрализација.

Ова е еден пример од моето лично искуство како се пресретнуваат нецелосни информации, со цел пренесување на вистинската информација, ослободена од манипулации. Тука треба да го имаме во предвид фактот дека Крушево, сепак, е мала средина и многу е полесно да се поправи ненамерна грешка или недоречена информација, без истата да допре до поголем број луѓе.

Преку овој пример ја илустрирам една од алатките која може да се искористи во пресретнувањето на лажните вести и полуинформациите – експонирање на вистината.

Во наведениот случај, користејќи неформални методи, што според мене е уште поефикасно во комуникацијата со граѓаните, градоначалникот спречи создавање на неоправдан страв од трошење на дополнителни општински средства, по децентрализацијата на двата објекта.

За крај: битката против лажните вести треба да се води со многу посериозни мерки и активности, но почетниот дел во справувањето со нив е активно експонирање на вистинити и целосни информации.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …