Добриот “пи-ар“ - лек против лажните вести

Добриот “пи-ар“ – лек против лажните вести

Пишува: Сотир Габелоски

Лажните вести зафаќаат се’ поголем простор во македонското медиумско (дез)информирање и нерегулираните онлајн портали и блогови, чија единствена цел се поголем број на кликови. Власта некако се справува со овие лажни вести, пред се’ со експонирање на вистината, но тие сепак допираат и влијаат врз граѓаните, што на крајот ги прави да останат неинформирани во морето од информации.

Во последниот период, во нашата земја “пи-арот“, или односите со јавност, се сфаќаат како нешто кое по автоматизам е негативно, што веројатно е последица на начинот со кој претходната власт владееше со медиумите и ги практикуваше односите со јавност. Сепак, “пи-арот“ е особено важен за јавниот интерес и не секогаш треба да се разбира како алатка за одржување на угледот на политичарите, или манипулација со граѓаните.

Добро насочените, јасни и концизни комуникации со јавноста ги користат, во буквална смисла на зборот, сите формални и неформални медиумски алатки, кои пред се’ се вистинити. Дополнително, добар дел од комуникациите со јавност треба да ги таргетираат лажните вести и полувистините, но и граѓаните кои се потенцијална мета на тој тип на вести.

Поаѓајќи од личен пример, како вработен во Општина Крушево и некој кој добар дел од времето го троши на комуникациите со јавност и менаџирањето на општинската веб страна, во многу случаи брзината на вистинитата објава, но и брзите и добро споделувани реакции на лажните вести, придонесуваат тие лажни вести и полуинформации да не фатат место кај граѓаните. Ефикасната, концизна и јасна информација во тие моменти на ширење полувистини, помага работата да биде добро завршена, а локалната самоуправа навремено да одговори на лажните вести и дилемите кои се јавуваат кај граѓаните. Секако, процесот на дезинформирање ретко кога може до крај да се побие и одреден број на граѓани истиот безрезервно го прифаќаат.

Постојат бројни начини како да се справиме со овој тип на проблеми, почнувајќи од регулација на интернет медиумите, па се’ до нивно ригорозно санкционирање. Односите со јавност кои треба да ги практикуваат локалните и државните институции, се почетната алатка во справувањето со овие проблеми.

Добриот “пи-ар“ е основа за справување со лажните вести и штитење на јавниот интерес и токму затоа на односите со јавност треба да се гледа од една поинаква, позитивна страна.

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …