Се ближи испитната сесија на факултетите низ земјава, а на прагот е и новата академска година. Поради појавата на корона вирусот, претходниот семестар и јунската испитна сесија се одвиваа под корона услови со онлајн испити. Процесот заврши со низа критики и анегдоти, а на површина излегоа недостатоците на образовниот систем.

Студенскиот лидер на УКИМ, Борјан Ефтимов вели дека во моментов се работи на тоа да се овозможи унифицирана платформа која ќе се применува на сите факултети и ќе го олесни целиот процес на настава.

– Во врска со изведувањето на наставата, сè уште немаме информации. Дали студентите од 1 октовмри ќе се вратат во амфитеатрите не можеме да знаеме во овој момент. Ние како Универзитетско студентско собрание инициравме развој на унифицирана платформа за далечинско учење на Универзитетот, меѓутоа сè уште не можеме да кажеме дека имаме решение во однос на ова прашање. Нашата цел е Универзитетот со своите капацитети да воспостави унифицирана платформа која ќе се применува на сите факултети. Набрзо очекуваме позитивен исход во однос на ова барање, бидејќи ваквата платформа е нужна за секој современ Универзитет – изјави Ефтимов, за „Мета.мк“.

Во однос на испитната сесија која ќе започне од 17 август и ќе трае до 25 септември, тој вели дека ќе се пристапи со истото решение како за јунската испитна сесија – хибридна сесија. Тоа значи дека испитите ќе бидат организирани и онлајн и со физичко присуство, во зависност од карактеристиките на наставниот предмет и испитната материја.

– Во однос на реализацијата на испитот, автономијата ја има професорот кој треба да дојде до решение кое од една страна ќе го гарантира квалитетот, а од друга страна ќе ги задоволи потребите на студентите. Сесијата административно е продолжена и ќе трае најмалку 39 денови, што на студентите ќе им овозможи порастеретен распоред и можности за соодветно планирање на распоредот за полагање на испитите – додава студентскиот лидер.

Но, додека се чека финалниот збор на Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести, факултетите се подготвуваат за начинот на кој ќе се одвива наставата и испитите во „новото нормално“. Дел од нив, со кои разговараше „Мета.мк“ велат дека се подготвени за новата академска година.

Од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип велат дека годинава се прилагодиле на промените. Оттаму појаснуваат дека прилагодувањето било повеќе кон новиот начин на работа, отколку кон работењето на онлајн платформите.

– УГД веќе 13 години има функционални платформи за онлајн работење, и тоа: Е-индекс, Е-учење, Е-Библиотека, а претходниот семестар беше воведена и платформата Микрософт Тимс. Сето ова даде добри резултати и студентите се задоволни од предавањата и спроведувањето на колоквиумите и испитите. Голем дел од студентите, скоро 70 отсто се изјаснија во спроведената анкета дека се за онлајн спроведување на наредниот семестар – изјави за „Мета.мк“ Мишко Џидров, Проректор за настава и студенти при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Тој посочува дека сите факултети на УГД добиле препораки за да се проверат и дополнат електронските материјали што ги имаат на располагање студентите.

– Дадени се насоки и да се размисли, и ако постои можност да се воведат нови електронски форми во наставата. Исто така да се зголеми контролата на онлајн наставата и можноста за добивање на навремена повратна информација од студентите. Планирани се и тестирања на системите за оптеретеност и прилагодувања пред почетокот на семестарот – додава Џидров.

И од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ (УИНТ) Охрид, велат дека не се соочиле со големи предизвици со онлајн наставата во текот на пандемијата која ги диктираше новите услови на функционирање.

– Уште пред појавата на пандемијата, УИНТ функционираше со многу активности организирани онлајн. Повеќето од нашите предмети се доста погодни за учење на далечина, нудејќи поголема транспарентност, инклузивност и интерактивност при пренесувањето на знаењата. Тоа во претходниот период доведе до трансформација на предавањата, евалуацијата и управувавњето на далечина, која што за УИНТ беше лесна, природна и без многу практични предизвици – изјавија за „Мета.мк“ од УИНТ.

Оттаму велат дека и нивната анкета која што ја спровеле помеѓу студентите и наставниот кадар покажала дека новиот начин на работа не го намалува, туку напротив го зголемува квалитетот на наставата.

– Што се однесува до плановите за наредната академска година, УИНТ како државен универзитет е потполно подготвен на нашите студенти да им понуди настава на далечина, класична или комбинирана, во зависност од препораките на Министерството за образование и наука и другите институции – потенцираат од Универзитетот во Охрид.

И додека се чекаат одлуките на институциите, веќе се подготвуваат правила за работа и одржување настава. Повеќе опции се ставени на маса, но конечната одлука, засегнатите страни ќе ја слушнат околу 10 август.

Извор: МЕТА