На свечената седница на Советот на Општина Прилеп која се одржа во големата сала на ЦК „Марко Цепенков“, по повод Денот на ослободувањето на Прилеп 3-ти Ноември, синоќа на здруженија и поединци им беа доделени плакети и дипломи.

Во своето обраќање пред членовите на општинскиот Совет, пред добитниците на наградите и останатите присутни, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека во овој историски датум, во денешната слобода, своите животи ги вградиле над 650 прилепчани.

„Најжестоката битка се одвивала кај месноста „Песјобрдце“, каде само во последните два дена загинале 78 храбри борци. Веднаш по извојуваната победа, овде, во херојски Прилеп, се стационирало целото воено и политичко раководство на новосоздадената македонска држава. Почнал да функционира Президиумот на АСНОМ, Главниот Штаб и новоформираниот Народно-ослободителен одбор на Прилеп. Де факто, Прилеп веднаш по ослободувањето, почнува да функционира со сите свои тела и органи“, истакна градоначалникот Јованоски.

Јованоски рече дека битката за економски развој, за нови работи места и запирање на иселувањето на младите, за модернизација и урбанизација на секој дел од градот, за сестран инфраструктурен, образовен, културен и спортски развој на Прилеп, се води секој нов ден.

„Работиме максимално посветено, на сите полиња од животот. И ќе продолжиме, бидејќи имаме заедничка цел – Прилеп да стане лидер во современото живеење, во примената на европските стандарди. Враќајќи ја слободата во општеството, отворајќи ги повторно вратите на демократијата, ние заедно чекориме во новата сегашност. Го продолжуваме аманетот на хероите, но градиме и сигурна иднина за поколенијата“, потенцираше во своето обраќање градоначалникот Илија Јованоски.

Годинешната награда за животно дело „Златна плакета“, отиде во рацете на дуетот Кевсер Селимова – Ѓорѓи Желчески. Наградата им беше доделена за нивните достигнувања во промоција на македонската музика надвор од границите на нашата држава.

Плакети „3-ти Ноември“ им беа доделени на Ротари клубот, здружението „Ромска солза“, Центарот за современа ликовна уметност, џудо клубот „Сеишин“ и планинарското спортско здружение „Козјак“.

Со дипломи „3-ти Ноември“ беа наградени историчарот Рубин Белчески, докторот Владо Ѓорѓиески, саатчијата Димитар Чучуроски, наставнничката Сузана Николоска, уметникот Драгомир Михајлоски – Пижа, џудистката Теодора Ристеска, поетесата Снежана Паноска и каратистката Валентина Пурдеска.

На синоќешното доделување на Третоноемвриските награди присуствуваа претставници на општина Куманово, предводени од градоначалникот Максим Димитриевски.