Договор за грант од 8,2 милиони долари меѓу САД и Северна Македонија, во фокусот се корупцијата, конкурентноста и учеството на младите

Договор за грант за партнерство за развој во висина од 8,2 милиони долари, денеска потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и претставникот на Канцеларијата на УСАИД во земјава, Ерик Јановски. Грантот ќе биде насочен кон три главни цели, јакнење на конкурентноста на компаниите, зголемено учество на младите во општеството и намалување на корупцијата во државата.

„Овој договор меѓу РСМ и САД има длабоко значење за нашата земја затоа што е потврда за партнерството меѓу двете држави. Кога станавме членка на НАТО постигнавме историски напоредок, а сега ни претстои клучен период клучен за справување со предизвиците на ковид пандемијата, но и остварување на агендата за  економски развиена, стабилна, мултиетничка демократија. Договорот за грант за партнерство за развој од 8,2 милиони долари кој е наменет за јакнење на конкурентноста, зголемено учество на младите во општеството и намалена корупција, се исто така и цели од програмата на Владата за забрзан и одржлив раст, кои вклучуваат владеење на правото, сузбивање на корупцијата, конкуреност на приватниот сектор, здрава животна средина, инвестиции во човечкиот капитал и друго“, рече Бесими, кој потсети дека од 1993 година досега, САД во РСМ, преку УСАИД, има инвестирано околу 830 милиони долари за разни програми за развој на земјата.

Денешниот договор означува една нова фаза на соработка на САД со Владата, како што оцени Јановски, а вистинската цел на 8,2 милиони долари кои се планирани во наредните 5 години, е да се стави крај од потребата за таква поддршка.

„Наша заложба е земјата во свои раце да ги земе приоритетите за развој, што побрзо, и да не се потпира на странска поддршка. САД инвестира, за да ги мобилизира земјите да ги остварат своите развојни цели. Во фокусот на овој договор се трите приоритети, зголемена конкуреност, младинско учество во општеството и намалување на корупцијата, и сето тоа ќе се спроведува во партнерство со компаниите и граѓаните и ќе има отчетно трошење на парите“, рече Јановски, додавајќи дека секаде во светот корупцијата е најголем предизвик, па токму затоа со новиот договор таа е ставена во центарот, бидејќи влијае врз секој сектор во државата и врз владеењето на демократијата.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, изјави дека овој денешен договор се издвојува од сите останати, затоа што е сигнал на партнерство и нови релации, поради членството на РСМ во НАТО, што е од големо значање за државата во периодот кој следи. „Владата на РСМ треба да биде лидер во идните процеси на соработка со САД, од каде ќе ја има поддршката. Борбата со корупцијата, економскиот развој и вклученоста на младите во процесите, се предизвиците со кои треба да се изборите, за да се реализираат целите за влез на земјата во ЕУ“, рече Мари Брнз.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …