Долниот дом на британскиот парламент гласаше за одлагање на Брегзит

Експресно гласање во британскиот парламент: во само еден ден беа завршени сите три читања на предлогот за одлагање на Брегзит. Сега треба да се гласа и во Горниот дом на парламентот

На крајот едни наспроти други стоеја 313 „да“ и 312 „не“, односно предлог законот за одлагање на Брегзит помина со само еден глас мнозинство.

Владата реагираше налутено на гласањето. „Разочарани сме што пратениците го поддржаа овој закон“, изјави портпарол на владата во Лондон. Премиерката Тереза Меј во вторникот веќе најави дека има намера да поднесе барање за продолжување на рокот за излегување на Велика Британија од Европската унија. Според досега планираното, Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 12 април. Меј сака да добие одложување до 22 мај. Со тоа би се спречило учество на Велика Британија на европските избори, кои се одржуваат од 23 до 26 мај.

Сѐ уште е неизвесно дали останатите шефови на држави или влади на ЕУ ќе ѝ излезат пресрет на Меј. Тие наредната среда на вонреден самит треба да разговараат за Брегзитот и натамошните чекори кои треба да се преземат. За продолжување на рокот за Брегзит би требало да се донесе едногласна одлука од страна на останатите 27 земји членки на ЕУ.

Пратениците во Лондон сега сакаат да постигнат – должината на одлагањето на рокот за излез од ЕУ да мора да биде определена од страна на парламентот. На тој начин тие против волјата на премиерката Меј би можеле да постигнат одлагање на Брегзитот и по 22 мај, што би значело и учество на земјата на европските избори.

Инаку, Меј вчера имаше средба со лидерот на опозицијата Џереми Корбин на која се бараше излез од ќорсокакот околу Брегзит. Двете страни ја оценија средбата како „конструктивна“. Разговорите би требало да продолжат денеска. Лабуристите бараат царинска унија со ЕУ, шта наидува на стриктно отфрлање од страна на многумина конзервативци.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …