Донација од хигиенски и заштитни средства за училиштата, градинките и ранливите категории на граѓани во општина Прилеп

Општина Прилеп во партнерство со Коалиција СЕГА, обезбеди донација во вредност од 22.780 ЕУР, средства кои се искористија за набавка на хигиенски производи, средства за дезинфекција, маски, безконтактни термометри, диспанзери за дезинфекција на раце и печатен едукативен материјал. Средствата се обезбедени преку проект финансиран од амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Србија, која ја покрива и нашата држава.

„Целиот материјал е дистрибуиран во сите основни и средни училишта во нашата општина, во детските градинки, Домот за стари лица, а наредната недела ќе бидат дистрибуирани во центрите за лица со попреченост и во населбата Тризла, за корисниците на гарантирана минимална помош. Сакам да ја поздравам иницијативата на Коалицијата СЕГА, да им честитам бидејќи се едни од ретките невладини организации во нашата општина, кои се погрижија да им излезат во пресрет на оние на кои ваквата помош им е најпотребна. Она што е најважно, е дека оваа донација стигнува не само во вистински раце, туку и во вистинско време, односно пред почетокот на учебната година“, истакна на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски.

Како што потенцираше градоначалникот Јованоски, значајно е што дел од проектот е невладиниот сектор, односно Коалицијата на младински организации СЕГА, од причина што во изминатите неколку месеци од почетокот на кризата со Ковид-19, недостигаше поголема вклученост на НВО секторот во справувањето со пандемијата.

Извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески, напомена дека донацијата е поделена во неколку делови: средства за дезинфекција на предмети и површини, 660 пакувања од средства за дезинфекција на раце, заштитни маски, од кои 10.000 ќе бидат поделени кај ромската популација а 5.000 во училиштата, потоа 4.400 пакувања антибактериски течен сапун, како и по 4 безконтактни термометри за секоја институција.

„Во текот на следната недела ќе направиме дистрибуција на средства за дезинфекција и заштитни маски кај ромското население во населбата Тризла 2, а ќе делуваме и со информативен дел со поставување постери, чија цел е подобрување на информираноста за заштитните мерки и превенција од коронавирусот. Паралелно, заедно со Општина Прилеп вршиме и онлајн информативна кампања за информирање на младите за сите протоколи и мерки дадени од СЗО и Министерството за здравство, со цел да придонесеме за поголемо информирање на младите, но и целата популација за заштита од Ковид-19“, нагласи Илиески.

Во рамки на проектот, изработени се и едукативни флаери, кои се приспособени за секоја од категориите на граѓани за кои е наменета помошта.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …