Лајонс клубот денеска за Општата болница „Борка Талески“ од Прилеп донираше електронско турнике, апарат кој се користи при операции на долни и горни екстремитети. Членовите на Лајонс клубот донацијата му ја предадоа на градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, кој потенцираше дека ова е корисна донација за болницата затоа што овој апарат ја скратувал операцијата за половина од потребното време.

„Оваа година ја завршуваме во духот на она што во последно време се случува во нашата Општина, а тоа се хуманитарните акции, како што се онаа за пречекот на Новогодишната ноќ и хуманитарниот фудбал во мал фудбал „Свети Никола“, кој синоќа ја имаше својата завршница. Денеска добивме донација од Лајонс клубот која што ние понатаму ќе ја проследиме до болницата „Борка Талески“. Оваа акција што ја спроведе Лајонс клубот дава белег за нивната работа, а тоа е помагање на голем број граѓани и институции на различни начини. Им благодариме за оваа помош и посакувам, исто како и досега, и понатаму да бидат хумани и корисни за општеството“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

Претседателката на Лајонс клубот, Снежана Соколоска, рече дека и во иднина ќе продолжат со своите хуманитарни акции, бидејќи нивното мото е да и’ служат на заедницата и да работат за доброто на сите.

„Сакам да се заблагодарам до нашите пријатели и членови на Лајонс клубот од Чешка кои помогнаа да го донираме овој апарат на Општина Прилеп. Се надевам дека соработката со локалната самоуправа ќе продолжи и во иднина, ние ќе помагаме за доброто на сите во нашиот град“, истакна Пеце Петрески, член на Лајонс клубот Прилеп.