Драги Богојески: После неколкугодишна пауза, на специјализација заминуваат 14 доктори од прилепската болница

Драги Богојески: После неколкугодишна пауза, на специјализација заминуваат 14 доктори од прилепската болница

Забележал: Зоран Милошески

Со в.д. директорот на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“- Прилеп, Драги Богојески, разговаравме за тековните реконструктивни зафати во здравствената установа, за набавените амбулантни возила и медицинска опрема, за недостигот од медицински персонал и лекари специјалисти, за финансиската состојба која во изминатите две години е значително подобрена…

ЗА РЕНОВИРАЊЕТО НА БОЛНИЦАТА:

Богојески: Во изминатите две години, од 2017 до денес, извршени се реновирања на повеќе делови од оваа здравствена установа. Пред сѐ, реновирани се оние делови во кои ништо не било инвестирано од денот кога болницата била изградена. Покрај другото, реновирани се болничката аптека и биохемиската лабораторија, при крај е реновирањето на амбулантите по ортопедија, урологија, хирургија, нервната и детската амбуланта, а останува да се заврши реновирањето на амбулантата по интерна медицина и амбулантата за очни болести. Истовремено, во тек е реновирањето и на акушерското одделение.

Драги Богојески: После неколкугодишна пауза, на специјализација заминуваат 14 доктори од прилепската болница

ЗА НАБАВЕНИТЕ АМБУЛАНТНИ ВОЗИЛА И МЕДИЦИНСКА ОПРЕМА:

Богојески: Освен најсовременото санитетско возило кое беше донација на Владата на Република Турција, минатата година со сопствени средства беше набавено уште едно санитетско возило. Заради потребата од транспорт на пациенти до скопските клиники, претстои набавка на уште едно такво возило.

Во однос на другите набавки во опрема, мора да споменам дека во изминатите две години, во болницата е извршена набавка на бројна опрема и медицински апарати. Во оваа прилика би ги издвоил оперативниот стол за хируршката и ортопедската сала, нов артроскоп за потребите на ортопедија, батериски борер и пила, два ултразвучни апарати од кои едниот е за детското а другиот за хируршкото одделение, потоа нов апарат за одделението за анестезија и реанимација, плазма стерилизатор како и нова рентген цевка за апаратот за дензитометрија. Исто така, набавен е ЕЕГ апарат за потребите на нервно одделение, комплетен видео систем за урологија за изведување на ендоскопски операции, биохемиски анализатор со сите параметри кои се испитуваат од крвта и нов хематолошки бројач за крвните слики, како и нови 100 болнички кревети.

Од, ако може така да се нарече, ‘поситната’ опрема, ќе ја споменам набавката на 7 дефибрилатори, 12 монитори за пациенти, инструментариум за лапароскопска хирургија, пиштол за биопсија, 12 ЕКГ апарати, стереоскопски биомикроскоп, апарат за физикална терапија со сонда со ласерски сноп, во одделението уво, нос и грло набавен е фибероптички ларингоскоп, како и бројна друга опрема и апарати.

ЗА ОНА ШТО НА БОЛНИЦАТА Ѝ НЕДОСТИГА, А ШТО Е ОД ПРИОРИТЕТНО ЗНАЧЕЊЕ:

Богојески: Во преговори сме со Министерството за здравство до крајот на годината да набавиме на цевка за компјутерската томографија, бидејќи онаа која сега е во употреба има одреден рок на часови и извршени прегледи, после кои треба да биде сменета. Потребен ни е и нов дигитален рендген апарат, потоа хируршки инструментариум за класична хирургија за потребите на сите одделенија, апарат за анестезиологија како и нов ехо апарат.

Драги Богојески: После неколкугодишна пауза, на специјализација заминуваат 14 доктори од прилепската болница

ЗА ПОТРЕБАТА ОД МЕДИЦИНСКИ ПЕРСОНАЛ:

Богојески: Исто како и во здравствените установи во целата држава, така и во Општата болница „Борка Талески“ постои природен одлив на персонал, но и заминувања на доктори и медицински сестри во странство, пред се’ во Германија. Оптималната бројка на вработени во болницата која е адекватна да одговори на барањата на пациентите, изнесува околу 560 лица. Претходната година имаше вработувања на 37 лица на неопределено работно време, меѓу кои и на доктори, мецицински сестри, физиотерапевти. Во моментов во тек е прием на нови 33 здравствени работници, а на определено време ќе бидат реализирани и вработувања на немедицински кадар.

ЗА (НЕ)ИСПРАЌАЊЕТО НА ДОКТОРИ НА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИЈА:

Богојески: Во последните 3 години, од причина што донесените програми не соодветствувале со потребите од специјалисти, од прилепската болница на специјализација не бил испратен ниту еден доктор. За разлика од тогаш, годинава на специјализација ќе заминат 14 доктори, и тоа на специјалности за кои во скорешна иднина би се јавил недостиг. За жал, и сега во одредени одделенија има недостиг од специјалисти, пред сѐ тоа се однесува на одделенијата за уво, нос и грло, за очни болести, хирургија и ортопедија.

Драги Богојески: После неколкугодишна пауза, на специјализација заминуваат 14 доктори од прилепската болница

ЗА ФИНАНСИСКАТА СОСТОЈБА:

Богојески: Можам да кажам дека таа во моментов е добра. Претходниот раководство на болницата од ВМРО-ДПМНЕ, болницата ја остави во долгови од 45 милиони денари. Со домаќинско работење и штедење во оние сегменти каде тоа е дозволено, успеавме долгот да го сведеме на околу 12 милиони денари, од кои најголемиот дел се обврски кон Институтот за трансфузиологија. Направивме спогодба за одложено плаќање, редовно ги сервисираме долговите и се надевам дека до крајот на годината целосно ќе го исплатиме.

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …