Високи казни од 5,8 милиони евра за Пивара Скопје АД Скопје и 2,7 милиони евра за Прилепска пиварница, поради диктирање цени, изрекла Антимонополската комисија.

Како што соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата, на вчерашната седница нејзината Комисија за одлучување по прекршок, донела решение според кое Пивара Скопје од 17.12.2012 година досега склучувала договори за продажба и дистрибуција на нејзините производи со независните дистрибутери, во кои се содржеле одредби со кои ја ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена, односно му наметнувала на дистрибутерот по која цена тој ќе продава на своите крајни купувачи.

„Ова значи дека дистрибутерот не може самостојно да си ја одреди цената по која ќе ги препродава истите производи на пазарот, што во услови на пазарна економија значи ограничување на конкуренцијата“, се вели во одлуката објавена на веб-страницата на Антимонополска.

Глобата изнесува 5,8 милиони евра (357.992.515 денари).

Исто така на вчерашната седница, Комисијата за одлучување по прекршок при Антимонополска донела идентично решение и за Прилепска Пиварница АД Прилеп, но во овој случај изрекла глоба од 2,7 милиони евра (166.778.900 денари).

Според решението, Прилепска Пиварница АД Прилеп склучувала исти договори како скопската пиварница, но со тоа почнала многу порано – на 3.11.2010 година.

Покрај тоа, според решението за Прилепска Пиварница, компанијата во договорите со дистрибутерите внесувала и обврски за неконкурирање со неограничено времетраење, без да се наведат повеќе детали.

Извор: МЕТА