Другари, ако неспособните и корумпираните не ги смените сега - тие ќе ве сменат наесен!

Другари, ако неспособните и корумпираните не ги смените сега – тие ќе ве сменат наесен!

Пишува: Зоран Милошески

„Единствената способност на неспособните, е да ги онеспособат способните“

Ниту најпедантните статистичари на политичките случувања во нашата држава, не ќе можат со сигурност да одговорат на прашањето: Кои избори биле најважни од независноста на Македонија, до денес? Тешко е да се каже, не само заради вокабуларот на политичарите и нивното постојано инсистирање на важноста на секој изборен циклус, туку и заради спецификата на секој од нив поединечно.

Сепак, ако тргнеме од тезата дека најважни избори се првите следни избори, тогаш е сосема логично секој сериозен политички субјект прашањето за претстојните локални избори, веќе да го има ставено на маса. Иако тие ќе се случат “дури“ по 9 месеци, воопшто не е рано да се разговара ниту за изборни програми, уште помалку пак за имиња на кандидати за градоначалници.

Она што е сосема јасно, е дека наесен, политичката карта на нашата земја ќе претрпи значајни измени. Бидејќи, она што се случи на последните локални избори, онаква доминација и такво изборно „цунами“ на било која политичка опција, никогаш повеќе нема да се повтори.

Надежта на секој гласач, е дека токму локалните избори ќе бидат клучниот момент на пресврт кај учесниците во изборната трка, кои конечно ќе ја разберат важноста на практикувањето власт и ќе сфатат дека политиката не е „забава за широките народни маси“, туку прашање од животна важност за сите граѓани.

Во фокусот на интерес на овој текст се социјалдемократите и нивната предизборна позиција. Секогаш кога биле на власт, кадровската политика била „Ахиловата пета“ на СДСМ. И во времето на Бранко, на Бучко, и сега кога диригентската палка е во рацете на Заев. Принципот на „владеење во тесен круг“, форсирање на луѓе по приватна линија блиски до лидерот и највисокото партиско раководство, дуплирање и триплирање на функции, како и негативната селекција на кадри во највисоките структури на партијата, како на локално така и на централно ниво, го дадоа резултатот кој сега го имаме.

Неразбирлива и необјаснива е причината заради која едни те исти имиња, 10, 15 а некои богами и 20 години, се вртат и ротираат од една на друга позиција!? Биле министри, заменици министри, пратеници, директори на државни и јавни институции, агенции, губитници на локални избори… и секогаш, повторно и повторно, во првиот и вториот ешалон на власта се вртеле нивните имиња!

Денес, истата приказна: армија на ислужени, извикани и неспособни партиски кадри седат во удобните кабинети и директорските фотелји, кои со ништо ниту ги заслужиле, ниту пак ги оправдале. Самобендисани и неизживеани некадарни политичари, кои остареа на државни јасли и на државна цицка. Директори на државни институции кои канцелариите ги преместиле во кафетериите и кафеаните, кои работното време го поминуваат во манијачење на социјалните мрежи, испраќајќи лајкови и срца на секоја објава на фејсбук профилите на нивните вработени од понежниот пол. Корумпирани и аздисани среброљупци, чие појавување во јавност значи чист ќар за политичкиот противник.

Се допаѓало кажаното некому или не, ова е сликата која „простосмртните“ граѓани ја имаат за партиските директори на било која досегашна власт. Ниту актуелната не е исклучок од непишаното правило. Напротив. Многумина од нејзините експонирани “големи“ и малку помали директори, ги надградиле “достигнувањата“ на нивните претходници од ДПМНЕ.

Она што дополнително иритира, е кукавичлукот и отсуството на чувство за партиска припадност на голем број именувани раководители, кои својата неспособност ја покриваат со кокетирање со кадри од спротивниот политички табор, или со флексибилни „независни експерти“ кои својата идеолошка матрица ја прилагодуваат онака како налагаат условите и личните амбиции. За отсуството, пак, на елементарна дисциплина на секое ниво на партиската пирамида не вреди да се трошат зборови, од причина што работите одамна се заминати по ѓаволите.

И сето ова им е добро познато на највисоките функционери на партијата на власт.

Зоран Заев не е случаен човек во политиката. Тој најдобро знае колку е тешко да се победи на едни избори, а на следните да се зачува власта. Заев е тој кој од вмровско гнездо, Струмица ја претвори во главно „комуњарско“ упориште. Заев покажа дека знае како се доаѓа до победа: и кога самиот е кандидат – на избори за градоначалник и за партиски лидер, и кога на избори оди како лидер на својата партија – парламентарни и избори за шеф на државата.

Оттаму, неговото несомнено останување на чело на партијата и после претстојните први непосредни избори за претседателското место, влева оптимизам дека и после октомври, СДСМ ќе биде доминантна партија по бројот на освоени градоначалнички мандати. Меѓутоа, овој пат, како никогаш досега, на Заев ќе му треба силна поддршка од општинските организации. Ама поддршка од не било какви, ами силни општински организации!

Оти, сега, сам нема да може да победи. Тешките одлуки кои како премиер ги донесе, го земаат својот данок. Ножот во грб од „братска“ Бугарија нема да помине без лузни. Гореспоменатите „шлепери“ кои со години се возат на негов грб и кои параат таму каде тој шие, се тежок камен околу вратот. Затоа, првата работа која сега веднаш треба и мора да ја направи, е да им даде шут карта на неспособните и корумпирани кадри, на секое ниво во владината и партиската хиерархија. Оти, друже Заев, работата е проста како грав – со штитот, или на него. Ако сега не ги смените неспособните и корумпираните, тие наесен ќе ве сменат вас!

Од причина што дошол нож до коска и што партијата за скоро влегува во внатрепартиски избори, повеќе време за чекање нема. Оти секој изгубен ден, е еквивалент на 1.000 изгубени гласови. А деновите се одмалуваат…

Овде повеќе не помага метла, туку само „шестар“, па што ќе набоде со него, нека оди јабана! Бидејќи, со должна почит кон поединци кои влеваат надеж дека не е се’ така црно, штетата која би ја направил шестарот по однос на ризикот дека покрај сувото ќе изгори и по некое сурово е – незначителна!

Наместо Пост Скриптум: Во политиката не постојат млади и стари, мажи и жени, туку само способни и неспособни. Тоа Заев одлично го знае!

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …