Друже, друже, авиони круже!

Друже, друже, авиони круже!

Пишува: Зоран Милошески

Не така одамна, после неколкуте неуспешни обиди да договориме кафепиење, пратеник од една политичка партија од град во југозападниот дел на Македонија, ми рече:„Друже, деновиве сум во Скопје, штом тргнам за дома, обавезно те барам да се видиме“.

И си реков, ОК е, прифатливо. Оти, зафатен е чоеко. Седници, партија, ова, она… не е ко мене бадијалџија! Така шо, колку и да остани во Скопјето, прекусила за недела-две, ќе мора дома да си појди. А мене и онака не ми е нешто итно. Ниту работа ќе му барам, ниту пари на заем…обичен муабет. Бива друже, се гледаме!

Помина време… недела, две… месеци се сторија. И тоа не два или три, ами шес-седум. Си велам…мајката, чоеков уште да не си е заминат дома? Можно е? Има шанси да ме лажи? И после некоја секунда, одма фаќам кавга сам со себе: Не бе! Не е тој таков! Шо ти се врти во тоа умот? Па до толку во ништо да не се верувало да му е.ам мајката! Ќе се јави чоеко, чуму толкава недоверба?

Е арно ама, читам пред некој ден оти еден куп пратеници маме расплакале со патните трошоци. Меѓу нив, замислете, и пријателов мој! Како се изненадив…!!! Кажуваат медиумите, се товарил ко брод со парите од патарини, колку шо обичен простосмртник не можи да заработи за половина работен век. Демек, патувал другаров секој ден на релација Скопје-дома и дома-Скопје. И така со месеци… А бе друже, ами вака не си појден дома бе, друже? Оти, како шо рекле, н ми е криво шо ме лажиш, криво ми е шо мислиш дека ти верувам.

И шо да речи чоек после вакво нешто, а да не биди безобразен? Беља работа… Се разбира оти не постои здраворазумен човек, кој воопшто можи и да помисли дека пратениците од внатрешноста со недели и месеци отсуствуваат од дома. После толку години “транзиција“, после сѐ шо проживеавме и преживеавме во 26 годишното битисување, после, барем за нашите простори, маркантните и прилично едуцирани политички лидери, дунстерите од типот на “дружето“ и нему сличните, инфилтрирани во првите борбени редови на политичките партии, претставуваат потценување на интелигенцијата на македонските граѓани.

Низ годините се намножија безличните и аморфни типови, кои личната кариера ја градат затскривајќи се зад лидерот, без разлика за кој политички субјект станува збор. Ќе повторам: не “следејќи го“, ами “затскривајќи се“. Оти меѓу едното и другото, има разлика. Се изнагледавме такви кои се жив зијан не само за партиите, туку и за државата. Празни и плитки, ама “евергрин“! Пливаат и на суво, и во длабоко, а ловат во матно. Слаткоречиви на уста, милозливи за уво, а всушност “лицем свеци, срцем в’лци“.

Шо се однесува до “дружето“, одамна ми помина желбата за заедничко кафе. Оти кафе се пие со друштво, никако сам.

Наместо ПС:

„Ќе дојде време на лажни пророци

што божем во мое име

ќе ве збираат по плоштадите,

ќе креваат врева до небеси,

ќе се бувтаат во градите.

Немојте да им верувате!

Тие мислат само на себеси.

Бес ги распина внатре

душите да ви ги затре.

Тие варосани гробови!

Не да им станете робови!

„Лажни пророци“, Блаже Конески

 

 

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …