Друже Заев, недисциплината и јавашлукот ја урнисуваат партијата!

Друже Заев, недисциплината и јавашлукот ја урнисуваат партијата!

Пишува: Зоран Милошески

Иако се чинеше дека последната изборна победа ги внесе во мирните политички води и на подолг рок им овозможи комотно владеење, за Заев и СДСМ работите на терен не стојат онака како што очекуваа.

Факт е дека постојат неколку објективни околности кои во голема мера го отежнуваат нормалното функционирање на државата. Како од политички, така и од економски аспект.

Пред се’, пандемијата на Ковид-19, која освен здравствена, предизвика и финансиска криза. Исто така, проблемите кои се јавуваат во спроведување на наставата на сите нивоа во образовниот систем, не е нешто што може лесно и безболно да се премости. Конечно, непланираните опструкции на Бугарија за почеток на преговорите за влез во ЕУ, внесоа голема неизвесност по однос на реализација на стратешките цели на нашата држава. Бидејќи, во огромен процент, надворешната, но уште повеќе внатрешната владина политика, се темели токму на тоа: почеток на преговори со ЕУ за влез на Северна Македонија во големото европско семејство.

И сето ова е објасниво и, за секој здраворазумен човек, разбирливо.

Меѓутоа, за пошироката јавност постојат нејасни, нелогични и субјективни причини кои го оневозможуваат нормалното функционирање на, првенствено, државните институции.

Иако се чинеше дека старо-новото парламентарно мнозинство лесно ќе се преструктуира и експресно брзо ќе продолжи со работа таму каде застана пред 15 јули, дека пораката од граѓаните е разбрана и дека власта час поскоро ќе ги зајакне административните капацитети со давање шанса на професионалци, на стручни лица и на „свежа крв“, сепак праксата кажува нешто друго.

100 дена после изборите, Владата сеуште не ги извршила очекуваните кадровски смени. Голем број институции, заради една или друга причина, се обезглавени. Во директорските фотелји и натаму седат лица кои на дело покажаа дека не се кадарни да се носат со функцијата, а не се почнати ниту неопходните смени во партиските органи и тела. Поконкретно, не се разрешени оние функционери кои на последните избори недвосмислено беа детектирани како најслаби алки.

Освен тоа, феноменот на кокетирање на сдсмовските вртимушки и сончогледи со кадри од спротивниот табор, во насока на постигнување договор за меѓусебна заштита по принципот „јас тебе Војводо, ти мене Сердаре“, е присутна на секој втор чекор. Со голо око е видлива интенцијата на незамерување, која дел од „комуњарските“ директори и раководители ја практикуваат со етаблираните претставници на ДПМНЕ.

Ваквото срамно однесување на поединци кои од секој аспект се офајдиле од функцијата која ја извршуваат, го урнисува угледот како на партијата, така и на партиските другари, кои во политичките води првенствено запловиле од идеолошки, а не од лукративни причини. Сакал некој да признае или не, ама кукавичлук од вакви размери, никогаш не можел да се види во обратна ситуација, кога власта била во рацете на спротивниот партиски табор.

И сето ова, на очиглед на достоинствените членови на СДСМ, но и пред очите на јавноста, поминува без било какви консеквенци. Јаничарите и ситните души поминуваат несанкционирани. Во моментов, дури и за најтрпеливите и најтолерантни сдсмовски чеда, ветувањата дека метлата и стапот „само што не заиграле“ во дворот на „Бихаќка“, спаѓаат во доменот на народната „не умри коњу, до зелена трева“.

Она што денес, сега веднаш, очајнички му е потребно на СДСМ е – дисциплина! Оти јавашлукот и алчноста на забеганите функционери во сите ешалони на власта, опасно се закануваат да ја вратат партијата онаму каде таа беше до пред некоја година: во длабока и тешка опозициска бездна, од која тешко ќе се извлече во годините кои следат.

Подготовките за локалните избори кои ќе тропнат на врата за помалку од 12 месеци, СДСМ треба да ги започне – вчера. Со неизбежно претходно спроведено прочистување од тафтабити, паразити и останати штетници. Она што потоа треба да следува, макотрпната и посветена работа со целосно и максимално вклучување на комплетната партиска инфраструктура, е нешто што треба да се подразбира.

Секој друг пристап по принципот „лесна работа“, кој вообичаено го промовираат најголемите лежилебојадачи, ќе значи „самоубиство од заседа“. Бидејќи, ако на претстојните локални избори СДСМ ги изгуби големите урбани општини како Центар, Карпош, Прилеп, Битола, Куманово, Охрид, Струмица… повеќе е од јасно дека Заев нема да може да го издржи притисокот од свикување нови предвремени парламентарни избори. Кои, во тој случај, ќе ги изгуби дури да рече „кекс“.

А што ќе биде потоа, не знае само тој што не почувствувал на сопствената кожа…

Прочитајте повеќе

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

СДСМ: ДПМНЕ сака да не врати назад во времето на Хунзите и „Скопје 2014“

Соопштение за јавност на СДСМ Ништо не е променето во ДПМНЕ. На митинзите на ДПМНЕ …