Друже Заев, вади тоа кубурот!

Друже Заев, вади тоа кубурот!

Пишува: Зоран Милошески

Попесимистички крај на оптимистичката 2018 година, тешко дека некој можеше да претпостави. Годината во која се очекуваше изрекување пресуди против членовите на злосторничкото здружување, ги разочара сите оние кои очекуваа дека премостувањето на постгруевизмот и инсталирањето нов систем на функционирање на државата, ќе оди “мазно“. Дека криминалните структури на претходната власт, сите до еден, во рекордно време ќе завршат зад решетки. Дека корупцијата ќе стане минато. Дека раководните кадри на новата власт ќе се избираат исклучиво според стручноста. Дека здравството и образованието преку ноќ ќе профункционираат. Дека…

И кога не се случи тоа, сите ние, повеќе или помалку, станавме гневни и бесни заради чувството дека гледаме веќе виден филм и дека од ова парче земја никогаш нема да биде држава. Фактот дека Грујо избега, дека дел од инволвираните во упадот во Собранието ќе бидат амнестирани а обвинетите во случаите на СЈО час се во притвор, час дома, целосно се во функција на поттикнување на чувството на разочараност и фрустрираност. Оти после сето она што го доживеавме и преживеавме во период од една деценија, после толку многу верба дека со рушењето на режимот направивме исчекор од седум милји, никој немаше право на народот да му ја одземе надежта во подобра иднина. Барем не толку бргу.

Гледано низ призмата на освоените пратенички мандати, очекувањата од новата власт беа несразмерно поголеми во споредба со дадената доверба. За разлика, пак, од локалните избори, каде бројот на новоизбрани градоначалници и советници требаше да значи бетонирање на позициите на СДСМ и ветар во грб во експресното расчистување со криминалните структури на претходната власт. И секако, спречување на востановената појава на “префарбување“ на довчерашните “дил ориентид“ политичари и нивно инфилтрирање меѓу новите властодршци. И, соодветно на тоа, превенирање од никнување нивни автентични наследници.

Но токму тука, на локално ниво, почна губењето на тешко стекнатиот рејтинг, што особено дојде до израз кај партиски неопределените гласачи. Оние, кои во последните неколку години преку Отпорот, Шарената револуција, Студентскиот пленум и другите форми на изразување на граѓанското незадоволство, беа гласни и жестоки критичари на антиквизацијата и пљачкосувањето на државата. Резултатот од референдумот требаше и мораше да го запали “црвеното светло“ кај раководството на актуелната власт. Но, тоа не се случи. Така, заради низата аномалии кои јавноста секојдневно ги регистрираше, во рекордно кратко време, главниот адут на власта се претвори во најслаба алка.

На сето ова се надоврзува состојбата во идеолошки и организациски дезориентираната ДПМНЕ, како единствена алтернатива на владејачката гарнитура, чие актуелно раководство нема ниту концепт, ниту пак идеја што да прави со себе. Што, во моментов, не е добро ниту за партијата на власт, ниту за државата, бидејќи со ваква очајна опозиција, и едните и другите го губат главниот контролен механизам.

Вака отприлика изгледа најкратката можна анализа на фактичката состојба на политичката сцена, кога е во прашање македонскиот политички блок. Што се однесува до случувањата кај албанските политички субјекти, ништо ново, ништо вредно за споменување. Тоа што Села и Касами го искористија кусокот во владејачкото мнозинство, за да на штета на поширокиот интерес со уцени ќарат ситни поени, е веќе виден “фолклор“ на политичката сцена, недостоен за било каков понатамошен коментар.

И во една ваква ситуација, после 20 месечно практикување на централната и 15 на локалната власт, сосема е нормално да постои елементарен недостиг од авторитети во владејачкото мнозинство, кои би имале моќ да го запрат негативниот тренд на континуирано губење на довербата кај граѓаните. Сѐ што досега се случуваше во државата, придонесе кругот да се сведе на едно единствено име, кое сѐ уште може да стави некаков ред меѓу државните и партиските функционери. Се разбира, не дека кредибилитетот на Заев не е делумно нарушен и дека ја ужива истата поддршка од опозициските денови. Меѓутоа, и заради двете моќни функции кои ги извршува, но и заради фактот дека добар дел од електоратот во неговите потези препознава храброст и искреност, во моментов тој е единствениот кој на работите може да им даде друг тек. Не “шминкање“, туку сериозен хируршки зафат, генерален ремонт на сите институции, на сите нивоа.

Што подразбира тоа? Смени на министри, заменици, директори на јавни претпријатија, агенции, функционери од третиот ешалон, промени во премиерскиот и партискиот кабинет. Разрешување на одреден број претседатели на општински организации на партијата, изнудување оставки на неколкумина градоначалници, апсење на сите оние на кои партијата и власта им служи за “дебелеење“ на банкарските конта… сѐ во функција на враќање на довербата на граѓаните во институциите и вербата дека во Македонија може да го има ветениот “живот за сите“.

Утопија? Можеби. Премногу радикално? Веројатно. Неопходно? Повеќе од сигурно!

Не знам дали Заев има во план вакво или некое слично сценарио. Ама знам дека без драконски мерки, распадот на сето она што се стекнало со многу труд и мака, ќе биде брзо, тешко и болно. Оти првиот жолт картон дојде со референдумот. Евентуалниот втор, добиен на скорешните претседателски избори, по автоматизам ќе значи и црвен картон. А дури тогаш во оваа држава нема да се знае ни кој пие, ни кој плаќа!

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …