Држава во потрага по своето „јас“

Држава во потрага по своето „јас“

Пишува: Сотир Габелоски                                          

Во речиси 30 години независност, како држава не смогнавме сили проблемите да си ги решаваме сами и секогаш да мора некој, особено однадвор, да ни ги решава работите поврзани со нашите стратешки определби.

И ние што сме помлади и сме се родиле кон крајот на минатиот век, свесни сме дека големите прашања се решавале со посредство на надворешни фактори, наши осведочени пријатели, без оглед на тоа дали некоја од партиите на власт направила стратешки грешки или не. И сѐ едно, направиле политички грешки или не, при решавањето на големите прашања ниедна од нив не успеала сама да изнајде сила за успехот и напредокот на државата.

Нешто слично се случува и денес. Актуелната Влада на сите страни добива пофалби за успехот на нејзината надворешна политика. Европските лидери не штедат зборови да ги поздрават договорите со Грција и Бугарија, како и останатите евидентни резултати по прашањето на надворешната политика. Но, од друга страна, на внатрешен план како порано така и сега, тешко ни оди…

Консензус за повисоки плати на пратениците секогаш ќе има, но за решавање на клучните проблеми, ретко кога. Власта и опозицијата во изминатите речиси три децении се помируваа само кога се работело за нивните привилегии, или кога биле притиснати од надвор заради одредена работа од поширок јавен интерес.

И денес постојат обиди и заложби на власта за одредени промени. Видливо е дека постои и волја која, комбинирана со неколкуте добри мерки, даваат оптимизам дека е можно подобрување на генералната состојба на државата. Тука спаѓаат покачувањата на платите, поддршката на приватниот сектор, решавањето на проблемите на најранливите категории граѓани, поврат на средствата кон граѓаните и слично.

Сепак, сето ова е „климаво“ заради зачестените скандали на двете доминантни партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои си го присвоија етерот за да прикажат сопствените достигнување, а сите позитивни чекори се покриени со двојно повеќе негативни случувања, кои даваат поинаква слика за нашето општество.

Погоре напишаното го илустрира она што е потенцирано во воведот, а тоа е дека работите кои оставаат белег и го подобруваат животот на граѓаните ги решаваме благодарение на пријателите од надвор, наспроти фактот дека ниту една партија досега не успеала да си го среди сопствениот двое.

Полека но сигурно, ги надминуваме пречките кои ја засегаат нашата стратешка определба, ЕУ и НАТО, додека она по дома, кое ни е оставено сами да го одработиме, тешко ни оди. Но и најдолгиот пат почнува со првиот чекор кој ние, кога се работи за домашната работа, можеби ќе го направиме за петнаесетина денови, после добивањето на очекуваната и посакувана вест од Брисел!?

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …