Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски си поднесе оставка

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски си поднесе оставка

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка од функцијата. Одлуката Коцевски ја соопшти денеска на прес конференција во Обвинителството, пред да започне собраниската седница на која на дневен ред беше точката со предлогот на Владата за негово разрешување. Коцевски посочи дека неговата одлука да се повлече од функцијата ја доставил писмено и до претседателот на Собранието, Африм Гаши, со барање на седницата да се потврди престанокот на неговата функција.

„Секогаш тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука. Затоа денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата јавен обвинител што во минатите помалку од две години ја вршев чесно, достоинствено и од која заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност заради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава“, рече Коцевски на прес конференцијата.

Тој вели дека дури утрово, на само еден час пред почетокот на седницата на која требаше да се расправа за неговото разрешување му била доставена покана да присуствува на седницата, а предлогот за разрешување воопшто не му е доставен, за да може да подготви излагање.

„Јасно е дека станува збор за предлог кој не е заснован ниту на факти, ниту на закон и преставува опасен преседан со далекусежни последици за независноста на јавното обвинителство. Од тоа што го знам како основи за разрешување предлогот содржи само три реда за кои нема аргументирана поткрепа“, рече Коцевски и посочи дека со ниту една постапка не е утврдено дека сторил ниту лесна ниту тешка дисциплинска повреда на работата.

Тој информира дека во неговиот мандат се зголемила ефикасноста на Јавното обвинителство, а сработени биле и голем број предмети од јавен интерес во кои се опфатени осомничени кои се блиски до различни политички и бизнис центри на моќ, што укажува на неселективност и објективност во работата на ЈО.

Одлуката за покренување на постапка за разрешување на обвинителот Коцевски беше донесена на владина седница на почетокот на овој месец. претходно, на почетокот на годинава, премиерот Христијан Мицкоски побара да ја напушти функцијата, а Коцевски во меѓувреме неколкупати изјави дека нема намера да се повлече бидејќи не гледа никаква причина за негово разрешување.

Според предлогот на Владата, разрешување на Коцевски се бараше поради крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста, неовластено изнесување на информации и податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката, како и поради нарушување на угледот на Јавното обвинителство не постапувајќи согласно обврските предвидени во Уставот, законите и меѓународните договори.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Филипче: Сѐ што најавивме се оствари, дупка од две милијарди евра, анти-ЕУ кампања за изолација

Филипче: Сѐ што најавивме се оствари, дупка од две милијарди евра, анти-ЕУ кампања за изолација

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција по завршувањето на лидерската средба рече дека …