Демократската унија за интеграција очекува покана од СДСМ за формирање на ново парламентарно мнозинство, веднаш по конституирањето на Собранието. Ова го изјавил високиот партиски функционер, Бујар Османи, во интервју за косовската телевизија „Т7“, пренесе „Аласт-М“. Но, во исто време, Османи не ја исклучил можноста за формирање мнозинство и со ВМРО-ДПМНЕ. Гласините дека е договорен модел за ротација на премиерот (три години премиерот да биде од СДСМ, а една година од ДУИ) Османи ги нарекол „коментари на аналитичарите“, иако како партија не би имале ништо против таквата идеја. Притоа, предлогот на ДУИ за прв премиер Албанец го опишал како симболичен.

„Една од паролите на кампањата беше ‘Зошто да не’, така што – зошто да не? Сè е можно. Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспект. На овој начин се кршат табуата на нееднаквост во оваа земја. Мислам дека институциите се ослободуваат“, изјавил Османи во интервјуто за косовската „Т7“.

Опонентите на ДУИ во албанскиот блок веќе изјавија дека партијата на Ахмети ќе го изгуби легитимитетот ако не го исполни ветеното, бидејќи токму со кампањата за премиер Албанец ги добиле гласовите.

„ДУИ треба да проба да има свој премиер, тоа е Насер Зибери, кој уште го гледаме по билборди во Скопје. Тие добија толку пратеници заради него, и сега ако не можат да го исполнат тоа, ќе треба да отстапат и ќе треба да се направат други комбинаторики. Нашата коалиција ќе треба да настапи и да почнеме преговори. Ние не сакаме да влегуваме во преговори пред ДУИ да го истроши својот легитимитет. Тие треба да се соочат со тоа што го ветија“, изјави лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Извор: DW