ДУИ смета дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори

ДУИ смета дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори

Централното Претседателство на Демократската Унија за Интеграција на денешната седница ги разгледуваше актуелните состојби настанати по одржувањето на консултативниот референдум за влез на Република Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот од Преспа и ги донесе следниве заклучоци, соопшти ДУИ.

На референдумот излегоа преку 650 илјади граѓани, од кои над 90%, или 610 илјади граѓани се изјаснија позитивно, со што јасно се отсликува волјата на граѓаните за влез на земјата во ЕУ и НАТО и за прифаќање на договорот од Преспа.

ДУИ смета дека потпишаниот и ратификуваниот Договор претставува меѓународна обврска на државата, и во таа насока ги поздравува пораките испратени од меѓународните пријатели, пред сѐ од САД, Европската Унија, земјите – членки на Унијата инт., во кои јасно и недвосмислено се повикува Парламентот на Република Македонија да ја преземе обврската за спроведување и имплементирање на Договорот од Преспа.

Имајќи ги предвид овие заклучоци, Централното Претседателство на ДУИ одлучи дека во моментов приоритет за државата е изнаоѓање решение со кое ќе се имплементира Договорот од Преспа во Парламентот, упатувајќи повик до останатите политички партии да работат на создавање услови за имплементација на Договорот.

ДУИ смета дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, со кои ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Република Македонија во НАТО и Европската Унија.

Извор: Слободен печат

Прочитајте повеќе

Студенти

Студентите што земаат стипендии може да ги продолжат до крајот на октомври

Аплицирањето се врши онлајн, на порталот „е-услуги“ на МОН. Рокот за продолжување на стипендиите, односно …