училница школо училиште

Два месеци нова концепција во основното образование – какви се резултатите до сега и како понатаму?

Toчно два месеци поминаа откако образовните власти ја спроведуваат во пракса новата Концепција за основно образование, која беше најавена како основа за развојот на образованието. Новините предвидени во документот треба да ги подобрат нештата и да ги следат современите тенденции во образованието. Откако системот во минатото претрпе многу промени, преку Кембриџ програмите, па екстерното тестирање и неколку други новини, ова беше обид да се исправат грешките и да се воведат вистински реформи со кои би се подигнал квалитетот на образовниот процес.

Како оди на терен примената на новите правила? Како учениците реагираат и дали се прилагодуваат на промените? За ова поразговаравме со наставници/практичари, како и со проф. д-р Кирил Барбареев, кој работеше на Концепцијата. Во меѓувреме, надлежните во Бирото за развој на образованието ја скенираат состојбата и ја анализираат примената во училиштата, по што ќе објават извештај.

Наставниците се послободни

Зорица Адамчевска има пестанесетгодишно искуство како наставничка. Работи во училиштето „Петре Поп Арсов“ во Богомила, општина Чашка. Годинава работи со првоодделенци, а промените во образованието оваа учебна година започнаа токму во прво и во четврто одделение. Адамчевска вели дека оваа учебна година чувствува поголема слобода во нејзината наставничка професија.

„Тоа никако не значи дека досега сме биле ограничени да ја употребуваме нашата креативност, но сметам дека временската ограниченост прави напнатост и кај наставникот и кај учениците. Бидејќи новата Концепција дава можност за слеаност на активностите, честопати преодот од еден во друг час учениците и речиси не го забележуваат, особено кога постои можност за меѓупредметна интеграција. Интеграцијата ја одредуваме ние наставниците сами, што искрено одзема  многу време за планирање и подготовка, но истовремено и можност самостојно да одредиме како ќе ги реализираме и постигнеме поставените цели од наставната програма“, вели Адамчевска.

Новина оваа учебна година е тоа што наставниците реализираат стандарди за оценување, а не содржини. Тоа значи дека имаат слобода да употребат било каков ресурс кој сметаат дека ќе даде подобар резултат во учењето.

„Во работата употребувам интерактивни презентации, интерактивни дигитални алатки, работни листови, учебник, па сè до наједноставни  манипулативи кои во секој  момент им се на дофат на учениците. Применувам сè што ќе го направи часот поинтересен, а содржината полесна за разбирање“, додава таа.

Во однос на тоа како реагираат учениците, Адамчевска вели дека секојдневно го гледа нивното задоволство, посебно кога е крај на активноста (часот), кога тие очекуваат уште работа.

„Верувам дека не само јас, туку и секој наставник е пресреќен кога ќе забележи дека учениците во слободното време (одморите, слободните активности) успешно го применуваат тоа што го правеле на редовните часови. Значи им било интересно, разбрале, но сакаат да го доистражат, применат, изменат“, вели наставничката.

Во фокусот се потребите на учениците

Проф. д-р Кирил Барбареев, еден од креаторите на Концепцијата вели дека во фокусот на секоја реформа мора да бидат интересите и потребите на учениците.

„Наставниците, училиштата и сите други образовни институции треба да бидат во функција на промовирање и заштита на најдобриот интерес на детето и остварување на правото за квалитетно образование во согласност со Конвенцијата за правата на детето. Поаѓајќи од тоа, Концепцијата повикува на реформа која е ориентирана на учениците и бара образовниот процес да се организира така што ќе им ја демонстрира на учениците корисноста и релевантноста од учењето, ќе ги испочитува нивните потреби и интереси и ќе овозможи развој на потенцијалите на секој ученик и, во крајна линија ќе обезбеди учениците да се чувствуваат комотно и сигурно во училиштето и ќе бидат мотивирани да учат“, вели тој.

Една од основните цели на основното образование е да ги научи учениците да учат во следните нивоа на образование, но и во животот воопшто. Со кои компетенции треба да се стекнат учениците за да биде остварена оваа цел, е определено со Националните стандарди за основното образование, што е придружен документ на Концепцијата.

„Овие стандарди ги наведуваат знаењата, вештините и ставовите кои учениците треба да ги понесат со себе кога ќе го завршат основното образование. Тие се групирани во осум подрачја: Јазична писменост, Користење други јазици, Математика, природни науки и технологија, Дигитална писменост, Личен и социјален развој, Демократска култура и граѓанство, Претпримништво и Уметничко изразување и култура. Во нив се всушност вградени компетенциите за доживотно учење содржани во Препораката на Советот на Европската унија од 2018 година, што се прилагодени на возраста на учениците“, појаснува тој.

Мора да се реформираат и наставничките факултети

Барбареев потенцира дека за да се постигнат целите на вака реформираното образование, неопходна е реформа и на педагошките и наставничките факултети.

„Новата Концепција им отвора можност на овие факултети да станат важен фактор во обликување на новиот профил на современ наставник и за одделенска и за предметна настава. Слободно може да се каже дека преку барањето за осовременување на наставата и подигањето на компетенциите на наставниците се постигнува и друга цел, а тоа е подигање на реномето и општествениот статус на наставничката професија“, појаснува Барбареев.

Професорот вели дека најбитните констатации од направените анализи укажуваат на тоа дека нашиот образовен систем поттикнува помнење, наместо мислење, дека наставата е насочена кон реализирање на учебникот, наместо кон постигнување на очекуваните резултати од учењето, дека наставниците имаат ограничена автономија во изведување на наставата, дека нашите ученици се ориентирани на учење дома наместо во училиште (споредено со земјите со успешни образовни системи поминуваат 900 саати помалку време во училиште).

„Најдобар доказ на неуспехот на постоечкиот образовен систем се исклучително слабите резултати на меѓународните тестирања. Наставата е процес во кој се испреплетуваат поучувањето, учењето и оценувањето. И претходно беше потенцирано дека успехот на наставаа зависи од наставните содржини (колку учениците го доживуваат тоа што што се учи како релевантно и корисно) и од методите на настава и учење (дали материјалот ќе им се предава или учениците повеќе ќе се насочуваат како да дојдат до потребните знаења), а успехот од реализацијата на наставата е определен со нивото на постигнување на очекуваните резултати од учењето“, вели Барбареев.

Треба да се има на ум, според него, дека успехот зависи и од тоа колку се наставниците оспособени за имплементација на посакуваните промени, каква е севкупната атмосфера во училиштето за промовирање на култура на учење и за поистоветување на учениците и наставниците со училиштето во кое учат, односно работат.

„Концепцијата ги предвидува промените во сите овие сфери на образовниот процес“, завршува тој.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …