Во рамки на програмата за одбележување на 79 годишнината од Денот на народното востание, 11.Октомври, денеска се одржаа традиционалниот шаховски турнир за слепи лица и третото по ред Државно првенство и петтата трка „Топташ даунхил куп“.

Согласно државните протоколи за организирање настани во услови на актуелната пандемија со Ковид-19, организаторите на двата настани, Здружението на слепи лица на град Прилеп,  Клубот за екстремни спортови „Sky Riders Prilep“ и велосипедскиот клуб „Илинден“, ги презедоа сите неопходни мерки за заштита на здравјето на учесниците.

Поздравувајќи ги учесниците на традиционалниот викенд шаховски турнир, на кој учествуваа шахистки и шахисти од повеќе здруженија на слепи лица од државата, претседателот на Советот на општина Прилеп, Еленче Ташкоска истакна дека Општина Прилеп води континуирана грижа за слепите лица, при што ја потенцираше изградбата на тактилни траки на тротоарите од реконструираниот градски булевар „Гоце Делчев“.

На петтиот по ред „Топташ даунхил куп“, натпревар кој е бодуван за ранг листата на Велосипедската федерација на Македонија, годинава се натпреваруваа 55 велосипедисти од Прилеп, Битола, Штип и Скопје, во категориите хоби, мастерс, јуниори и мен елит. Како и во претходните години, за тројцата најдобро пласирани учесници, организаторите обезбедија парични награди во висина од 18.000, 12.000 и 6.000 денари.

Пандемијата со коронавирусот, ги спречи заинтересираните натпревавурачи од странство да дојдат во градот под Марковите Кули и да бидат дел од годинешната трка на екстремните стази во месноста викана „Топташ“.