Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против 20 лица осомничени за сериозни финансиски криминални активности, меѓу кои даночна измама, перење пари и нанесување штета на буџетот од 4,8 милиони евра.
Во координирана акција спроведена на 16 локации низ Македонија, истражителите со поддршка на МВР извршиле претреси при кои се запленети фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати на правни лица. Осомничените лица се приведени.
Криминалната шема: даночни измами, фиктивни пријави и перење пари
Според Обвинителството, криминалната група била формирана во текот на 2023 година од српски државјанин, сопственик и управител на две фирми. Во шемата биле вклучени и двајца службеници од Управата за јавни приходи (УЈП) – Регионална дирекција Скопје, како и повеќе сопственици и управители на фирми од Скопје и Гевгелија во периодот до 2025 година.

Првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари со прикажување неточни податоци во даночните пријави. Останатите осомничени, со помош од вработени во УЈП, поднесувале лажни барања за неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица, со што на буџетот му била нанесена штета од дополнителни 31.175.168 денари.
Осомничените се товарат и за перење пари. Средствата биле трансферирани и подигнувани во кеш со цел прикривање на нивното незаконско потекло.
Вработени во УЈП на раководни позиции меѓу осомничените
Досегашните докази упатуваат на повеќекратни злоупотреби на службената положба од страна на вработени во УЈП, од кои дел на високи раководни позиции. Со нивното дејствување била предизвикана штета на буџетот од најмалку 162.980.076 денари.
Јавниот обвинител утврдил дека постојат основи за определување притвор за 10 осомничени.
Предлози за притвор за осум лица се доставени до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, додека две лица веќе се во притвор по друг предмет поврзан со злоупотреби во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.
За преостанатите 10 лица се предложени мерки за обезбедување присуство, меѓу кои и забрана за вршење работни активности поврзани со службената функција во УЈП.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место