Две американски компании од автомобилската индустрија, „Аптив“ и „Дура Аутомотив Системс“, најавија дека ги затвораат фабриките во Македонија. Како што објави Телма, Аптив најдоцна до крајот на годината ќе ја затвори својата фабрика во Бунарџик, а од август до сега бројот на работници го намалиле за околу 30 отсто. И од компанијата Дура за најавеното затворање на бизнисот во економските зони го известиле менаџментот на ТИРЗ. Од таму тврдат дека ќе побараат компанијата да врати дел од државната помош, од околу 7 милиони евра, што компанијата ја добила во периодот 2021–2023 година заради неисполнување на обврските.
Од ТИРЗ информираат дека од менаџментот на Аптив им укажале дека се преговара со мултинационални компании за преземање или пак за продавање, но компанијата тоа е го потврдува.
„Аптив ќе го консолидира производството на своите компоненти за напредна безбедност и корисничко искуство во Европа што ќе резултира со затворање на нашата локација во Скопје. Имаме сеопфатен план за поддршка на нашите вработени во Скопје во текот на оваа транзиција усогласена со локалните закони и прописи за труд. Се очекува имплементацијата да биде завршена до четвртиот квартал 2026 година“, соопштуваат од Аптив.
Од ТИРЗ велат дека Дура, која е во Македонија од 2018 година, и која најави 500 нови вработувања, го запира производството заради откажување на нарачките од страна главниот купувач.
Податоците на Народната банка, покажуваат дека во првата половина од оваа година е забележано намалување на приливот на странски инвестиции. Лани, заклучно со јуни, тие изнесувале над 560 милиони евра, додека годинава се околу 200 милиони евра.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место