Двојни избори за старо-нови лидери

Двојни избори за старо-нови лидери

Пишува: Зоран Милошески

Во ист ден, во недела на 12 декември, двете најрелевантни партии од македонскиот политички блок ќе бираат партиски лидер. Поточно, едните ќе бираат нов, а другите на актуелниот ќе му дадат уште еден мандат.

Очекувањата беа дека политичкиот земјотрес ќе биде предизвикан од случувањата на „Бихаќка“, наспроти монотониот изборен конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој требаше да има само формален карактер.

На прв поглед, непосредно пред „Денот Д“, очекувањата целосно се совпаднаа со предвидувањата. Но, секое понатамошно макар и површинско гребење на состојбите во двата табора, кажуваат нешто друго.

Иако Димитар Ковачевски ја има фаворитската улога за следниот социјалдемократ No1, тројцата претенденти за таа позиција прават изборната трка да биде интересна. Или барем поинтересна од претходната, кога за лидерското место конкурираше само еден кандидат.

Она што отсуствуваше од кампањата, а заради коешто дел од јавноста остана “разочарана“, беше најавената тензија, разгорување на внатрепартиската борба и новите поделби. Ништо од тоа не се случи. СДСМ покажа дека е кадарна да спроведе нормална, демократска постапка, дури и кога е во прашање изборната трка за најмоќната партиска функција – лидерската.

Предизборните бранувања изостанаа и во противничкиот табор. И не само тоа, туку ситуацијата во „Белата палата“ е речиси идилична!

На неделниот Конгрес актуелниот претседател ќе биде единствен кандидат, неговите довчерашни лути противници јавно му искажаа поддршка, а тој, пак, во намера да манифестира единство, во партијата прибра се’ што можеше да прибере. Меѓу нив и поранешниот главен „благајник“ и чувар на касата и ќесето на Груевски, Зоран Ставрески. Кој, патем речено, на мистериозен начин остана неинволвиран во бројните судски процеси кои се водат против целиот поранешен државен и партиски врв од времето на груевизмот.

Меѓутоа, состојбите во најголемата опозициска партија не се баш толку „мазни“. Иако Мицкоски се обидуваше исходот од локалните избори да го прикаже како „голема победа на ВМРО-ДПМНЕ“, тоа во суштина, не соодветствува на вистината. Оти бројот на освоени гласови недвосмислено кажува дека ДПМНЕ не е победник, туку СДСМ е губитник.

Но тоа што е уште позначајно и пред кое неговите сопартијци свесно затвораат очи, е тешкиот дебакл кој Мицко го доживеа при обидот да состави ново парламентарно мнозинство!

Јавноста беше сведок на помпезните изјави на опозицискиот лидер, дека во договор со Левица и опозициските партии од албанскиот политички блок, обезбедил 61 пратеник. На денот за кога беше закажана седницата за гласање (не)доверба на Владата, пратениците на ДПМНЕ беа чучнати во собраниските столчиња еден час пред нејзиниот почеток, притоа објавувајќи на социјалните мрежи селфи со коментари од типот „чекаме…“, „пада Влада“, „тик-так…“ и слични егзалтирани изблици на еуфорија.

Епилогот на крајот на денот го покажа она што и’ е познато на пошироката јавност: дека Мицко не може да се носи со претседателската функција, дека е недораснат за висока политика и дека неговото останување на лидерската позиција е жив зијан за партијата која ја предводи.

Иако некадарен и без елементарно чувство за политичките текови, сепак нему едно му е јасно како ден: дека засилените и се’ поотворени притисоци на Вашингтон, Брисел, Берлин и Париз кон Софија, навестуваат скорешно одврзување на „Гордиевиот јазол“. Токму тоа е најголемата болка и паничниот страв на Мицко. Бидејќи она коешто потоа ќе следи, одредувањето датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, во секунда ќе ја разниша неговата сегашна, наизглед, стабилна и од недела дополнително зацврстена лидерска позиција.

Зголемувањето на актуелното парламентарно мнозинство и бетонирање на позициите на Владата до 2024 година, ќе биде помалиот проблем со кој ќе се соочи марионетата на унгарскиот бегалец. Повторното разбудување на „злите духови“ во најбогатата партија во Европа, барањето одговорност за погрешните политики и неисполнетото ветување за рушење на Владата на СДСМ, ќе значат реафирмирање на амбициите на повеќемина поранешни и актуелни партиски функционери, чија намера да седнат во фотелјата во арамиското гнездо наречено „Бела палата“, во моментов е умешно прикриена. Но, никако и напуштена.

Ете затоа е катадневното очајничко инсистирање на Мицко за „потребата“ од брзи предвремени парламентарни избори. Оти, ако не издејствува брзи и вонредни, редовните избори тешко дека ќе ги дочека.

Конечно, на новиот лидер на СДСМ и извесен манадатар за новата Влада, во „наследство“ за расчистување му остана една работа која и Заев ја кажа во моментот на поднесување на двојната оставка: што е со споменатите 200 милиони евра “црни“ парикои биле пуштени во оптек за време на изборната кампања, а за кои гласно се шепотеше дека биле употребени за рушење на Заев, преку корумпирање на медиуми и поткуп на гласачи? Колку од тие пари дојдоа од Будимпешта, а колку од домашните олигарси?

Како и да е, државата преку своите институции има обврска да го расчисти случајот, да ги лоцира, именува и санкционира нарачателите и извршителите на скандалот во најава.

Ако притоа, на било кој начин и во било која мера се докаже инволвираност на опозициската ДПМНЕ, проблемите со кои ќе се соочи Мицкоски нема да бидат само од политички карактер.

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …