Битола е еден од градовите со најлошо организирана паркинг служба и уреден паркинг простор. Не треба тоа да ви го кажат битолчани, доволно ќе биде со автомобил да поминете низ центарот на градот и да пробате да најдете место за паркирање. Ако се обидете тоа да го направите малку подалеку од строгиот центар, на пример на паркингот пред спортската сала „Младост“, ќе ви треба многу умешност и возење „слалом“ низ дупките со размер на кратери, кои и покрај сите ваши шоферски вештини, тешко дека ќе ги избегнете.

Со битолските паркинзи стопанисува Друштвото со посебна намена (ДПН) „Паркинзи“, кое функционира врз основа на постигнатото Јавно приватно партнерство со фирмата „Стентон“. Последица на нивната лоша организација на паркинг просторот се преполните со возила споредни улици во централното градско подрачје, но и дворовите на училиштата кои гравитираат во центарот на градот под Пелистер.

Фотографиите направени во училишниот двор на ООУ „Гоце Делчев“, се најдобра илустрација на погоре кажаното. Не само што автомобилите целосно го окупирале просторот наменет за учениците, туку големата фреквенција на возила ја загрозува нивната безбедност.

Членот на Советот на Општина Битола од редовите на СДСМ Горан Козаров е целосно согласен дека проблемот е настанат од незнаењето и неспособноста на надлежните да го организираат паркингот во градот. Тој вели дека опозициските советници се обиделе да понудат решение за излез од актуелната состојба, но не наишле на разбирање кај владејачкото мнозинство.

„Заради неспособноста на ДПН „Паркинзи“, покренавме иницијатива на седница на општинскиот Совет да расправаме за можноста за одземање на концесијата на јавното приватно партнерство, бидејќи во одреден дел ова претпријатие ги прекрши обврските од потпишаниот договор. На ваквата иницијатива силно се спротивставија советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои, како мнозинство во Советот, ја поништија одлуката за одземање на концесијата“, вели советникот Козаров.

Според Козаров, идејата на опозицијата била ДПН „Паркинзи“ да премине во сопственост на Општина Битола и со него да стопанисува едно од постојните јавни претпријатија, или пак да се формира ново. Со тоа, целиот приход од неговото работење би останал во општинската каса, а со оглед на тоа што станува збор за значителни средства, истите би се вложиле во изградба на монтажни гаражи со што би се решил проблемот со паркирањето во централното градско подрачје. Ова ќе биде еден од приоритетите на новата локална власт која, како што вели опозицискиот советник, ќе биде предводена од СДСМ.

Лошото функционирање на ДПН „Паркинзи“ дојде до израз за време на обилните врнежи од снег кои оваа зима ја зафатија Битола. Иако имаше обврска тоа да го направи, претпријатието не ги исчисти паркинзите со кои стопанисува. Меѓутоа, тоа не беше пречка на сопствениците на автомобили да им се врши наплата за влез во со снег натрупаните паркинзи. Не беше исчистен дури ни паркингот во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“, со кој исто така стопанисува „Паркинзи“ каде снегот го отежнуваше пристапот до болницата и на возилата на Итната медицинска помош.

Иста, ако не и полоша, беше сликата и на паркингот пред спортската сала „Младост“, како и на останатите паркинзи низ градот кои ги стопанисува ДПН „Паркинзи“.

Зоран Милошески

Извор: СЛОБОДНА