погреб на кралицата елизабета втора

DW: Државнички погреб: Последното патување на Кралицата

На последното збогување со кралицата Елизабета Втора се очекуваат толку многу луѓе, како никогаш претходно – гости од цел свет и милијарди луѓе пред телевизорите ширум светот. Каков е распоредот за денот на погребот?

Луѓето можеа да се збогуваат со кралицата Елизабета Втора до изутринава, во 6:30 часот. Нешто пред 11 часот, ковчегот од Вестминстерската палата ќе биде пренесен во Вестминстерската опатија, на комеморација со 2.000 почесни гости.

Кулминација за националниот ден на жалост ќе биде двеминутниот молк нешто пред 12 часот. Цела Велика Британија и Северна Ирска во тишина ќе ѝ оддадат почит на починатата Кралица. Мирно ќе биде дури и на небото – полетувањата и слетувањата на аеродромот Хитроу ќе бидат за краток период стопирани за да не се слуша ни звукот од авионите над Лондон. По молкот, во Вестминстерската опатија на крај на богослужбата со 2000 почесни гости ќе се свири националната химна, а ќе пеат многумина во земјата. Текстот на химната е променет:„Господе, чувај го Кралот!“.

Богослужбата и поворката ќе се пренесуваат во живо на плоштадите ширум Кралството на видео бимови.

Крајот бил планиран до последен детал

Одделите за протокол во Бакингемската палата и на британската влада ја имаат планирано до последен детал операцијата „Лондонскиот мост падна“. На концептот за десетте дена меѓу смртта на Кралицата и нејзиниот погреб е работено со години.

Самата Елизабета одредила многу детали на церемонијата. По нејзина желба претставниците на 56-те држави од Комонвелтот, кои опфаќаат големи делови од поранешното британско кралство, ќе маршираат напред во погребната поворка. Тоа ќе биде последното патување на Кралицата низ Лондон. Целта е Виндзор, нејзиното последно пошивалиште. Во поворката ќе бидат и полицајци од Кралската канадска коњаница, т.н. „Маунтис“. Од нив во 1969 година Кралицата на подарок го доби нејзиниот омилен коњ „Бурман“. Денеска ќе маршираат и болничарки и доктори од националните  здравствени служби и други претставници на организации за пружање помош. Во поворката ќе има сили од Нов Зеланд, Австралија, Канада и други држави, како и војници од сите делови на Велика Британија и Северна Ирска.

Кралицата учествувала во сценариото

Со денови носачите на ковчегот, свирачите на гајда, војската со тешките крзнени капи и многу други учесници, најчесто уште во рани зори, го вежбаа својот дел исто како за гигантска оперска претстава. За Кралицата треба и мора сѐ да биде перфектно, изјави за Би-Би-Си еден од командирите. 98 од Кралските морнари имаат посебна задача. Тие, а не коњи, ќе го влечат топовскиот постамент на кое украсен со ројалното знаме ќе стои ковчегот на Кралицата. И ковчегот на кралицата Викторија во 1901 година бил влечен на истиот постамент од страна на морнарите од Кралската морнарица. Нејзината правнука Елизабета замолила да се продолжи ваквата, по малку чудна, традиција.

Зад ковчегот ќе оди семејството предводено одновиот крал Чарлс Трети, неговите браќа и сестра, а потоа и внуците на кралицата, меѓу кои и новиот престолонаследник Вилијам и конечно високи претставници на монархијата. За време на поворката ќе се пука од топови, а часовникот „Биг Бен” треба да чука непрестајно.

На портата Велингтон кај Хајд парк ковчегот ќе биде префрлен во стаклено мртовечко возило. Потоа два часа ќе патува преку селски патишта до замокот Виндзор наместо преку многу побрзиот автопат. Кралицата посакала што е можно повеќе луѓе на патот натаму да може да се збогуваат од неа.

Симболите на власта имаат нов сопственик

Во замокот Виндзор потоа ќе има друга поворка и друга богослужба пред претставници на кралското домаќинство и на Комонвелтот. Потоа се отстрануваат круната и знамето од ковчегот на Кралицата. Симболите на власта се одземаат и му се предаваат на новиот крал. Конечно, кон квечерина таа ќе биде погребана во мала странична капела на замокот. Таа е толку мала што може да присуствуваат само членови на најтесното семејство.

Кралицата ќе биде погребана покрај нејзиниот сопруг Филип, кој почина во 2021 година. Таму, во гробница од црн белгиски мермер, последно почивалиште имаат и родителите на кралицата и нејзината сестра Маргарет.

Се очекуваат милијарди гледачи

Само за време на приватното погребување на крајот на денот нема да бидат дозволени камери и микрофони. Сите останати делови од церемонијата ќе бидат пренесувани во живо од стотици телевизиски канали и интернет платформи. Би-Би-Си проценува дека милијарди луѓе ширум светот ќе ги следат случувањата во Лондон.

За градот Лондон ова ќе биде најголема полициска и безбедносна операција во историјата, велат од Метрополитан полис. Повеќе стотици илјади гледачи долж поворката и до три милиони лица во градот ќе мора да бидат насочувани. Сообраќајот во градското јадро ќе занеме. Рекордните 500 поканети државници мора да бидат заштитени и транспортирани. „Имаме ангажирано персонал како никогаш досега“, вели заменик шефот на полицијата Стјуарт Канди. Тоа е повеќе и од Олимписките игри пред 10 години и од погребот на принцезата Дијана пред 25 години.

Бајден нема да се вози во автобус

При подготовките за богослужбата на која ќе присуствуваат шефови на држави или влади од сите континенти, имаше протокаларни нервози. Некои делегации се жалеле што поради недостаток на место, во катедралата имало предвидено само по 2-3 места за секоја земја. Арапските лидери наводно се противеле да бидат транспортирани со автобуси од касарна во близина до Вестминстерската опатија. Таму во блиндирана лимузина смета да дојдат само некои избрани гости, како американскиот претседател Џо Бајден. На листата поканети секако се и кралски семејства од Европа и голем број роднини од европското благородништво. Новата премиерка Лиз Трас, која ќе има говор на богослужбата, ќе ја користи приликата за неформални разговори со премиери и претседатели. Претседателите на Русија и Белорусија не се поканети поради нападот врз Украина.

Има уште една традиција вообичаена при смртта на британски монарх. Во Виндзор бие ѕвоното Севастопол, кое беше запленето во 1856 година, за време на Кримската војна, кога Алијанса од Британци, Французи, Османлии и Италијанци го поразија Руското Царство.

Извор:DW

Прочитајте повеќе

Во Москва церемонија за припојување на четирите украински региони

Кремљ најави дека денеска формално ќе анектира четири региони на Украина, додека Западот ги интензивира …