Ковачевски и Петков на заедничката седница на владите во Софија

DW: Се подготвува ли таен компромис за бугарското вето за С. Македонија

За 24 мај темата за ветото за Северна Македонија повторно ги разгоре политичките страсти. Пред да замине на традиционалната посета во Рим, премиерот го повика претседателот да го свика Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС), на кој министерот за надворешни работи би го претставил напредокот во разговорите со Скопје. Румен Радев одговори дека претходниот КСНС одржан во јануари веќе усвоил политички консензус за позицијата на Бугарија, а зад тоа стои и силен јавен консензус, и притоа изрази сомнеж дека премиерот бара начин да го надмине нарушениот дијалог внатре во владејачката коалиција.

Притоа, тензиите во коалицијата се очигледни, бидејќи во предупредувањето што пред десет дена го упати лидерот на „Има таков народ“ (ИТН) Слави Трифонов до мандатарот од „Промената продолжува” се зборува за нерегулирани обиди на премиерот Петков и неговите советници да го заобиколат националниот интерес во спорот со Северна Македонија. А за каков напредок во разговорите со Скопје може да извести министерката Теодора Генчовска, која е од квотата на ИТН, за главните барања на Софија – за вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, за говорот на омраза итн.? Некакво зближување може да се забележи само во ресорите на неколку министерства по линија на добрососедството.

Дека нема сериозен напредок во преговорите се виде и од паралелните програми на премиерите Петков и Ковачевски во Рим, чии делегации дури вечерта на 23 мај одржаа протоколарна средба. Откажана е и заедничката владина средба на 22 мај меѓу двете земји бидејќи, според Димитар Ковачевски, нема постигнат компромис кој би послужил како основа за билатерален договор.

Таен компромис? 

Сепак, можно е да има некаков недоработен проект за компромис во спорот, кој од бугарска страна не може да биде објавен само на владино ниво – дури и ако владејачката коалиција во Софија беше целосно обединета. Затоа што по политичкото единство на оваа тема постигнато на КСНС во јануари и со четири петтини од јавното мислење во поддршка на ветото, овој компромис лесно би бил прогласен за мимикрија и дополнително би ги утврдил нашите позиции. Односно, мора да се обезбеди место каде што секој истовремено ќе може да се запознае со него и да нема поединечно отфрлање. КСНС е таков форум – во него се вклучени сите парламентарни партии, претседателот, високите воени и полициски службеници и носителите на „тајното знаење“ – тајните служби.

Меѓу аргументите на претставниците на „Промената продолжува“ за свикување на КСНС е и промената на геополитичката ситуација со војната во Украина. Дискутабилно е колку, со речиси целосно европско единство против Русија и членството во НАТО, Северна Македонија е позагрозена од порано. Спорно е и колку се зголемува притисокот врз Бугарија поради ветото за Скопје поради војната. Сепак, има алузии дека бугарските тврдења за Македонците наликуваат на руските за Украинците.

Веселин Стојнев
Веселин Стојнев, автор на анализата

А внатрешно-политичките сличности на нашата позиција кон Северна Македонија со онаа на Украина се многу. Бугарија ја осуди агресијата врз Украина, но остана поделена. Лидер на партија од владејачката коалиција продолжи да ја нарекува Русија пријателска држава, а владата си го спаси својот опстанок откако одби да го преземе одлучувачкиот чекор со отворена воена помош за нападнатата држава.

Петков без корисен потег? 

Сега ситуацијата за владата е уште полоша. Надворешниот притисок за укинување на ветото за Скопје е енормно поголем од оној за испраќање оружје во Украина. Внатрешниот притисок против укинувањето на ветото е многукратно поголем од оној за испраќање оружје. Затоа, се чини дека обидот на премиерот Петков за пробив преку КСНС е само маневар за оправдување за одложување на прашањето. Тој е повторно во ситуација да не може да го направи решавачкиот чекор.

Но, Петков притоа не може ни да отстапи – подигањето на „еврошизмата“ за  Северна Македонија е еден од приоритетите на неговата влада. Затоа, неуспехот за прашањето треба да стане барем споделена вина. Доколку се отфрли предлогот за компромис на седницата на КСНС, тоа ќе тргне голем дел од товарот врз Кирил Петков – еве, направив се што беше во моја моќ, но претседателот и другите партиски лидери ме блокираа.

Дежа ву? 

Румен Радев тешко дека ќе му направи таква услуга на својот поранешен министер на кого веќе му е противник. А и да ја свика КСНС, ќе ја искористи за да се етаблира во неа и уште повеќе да ја зацементира бугарската позиција, како што направи на јануарскиот совет. Меѓутоа, одложувањето на прашањето за ветото и онака не може многу да се потпира на „омекнувањето“ на другата страна – таа одамна се зацврсти и не може да си дозволи „предавство“. И оваа ситуација е совршен компресор за пумпање на севозможен национализам од двете страни на границата. А со одложувањето на прашањето за понатаму се јавува опасноста да се повтори 28-годишниот спор за името Македонија со Грција. Во таков случај, Бугарите можат да се надеваат на „победа“ околу 2050 година.

Извор:DW

Прочитајте повеќе

Совет на општина Прилеп

АНАЛИЗА НА РАБОТАТА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ПРИЛЕП

Совет на општината  Советот е претставнички орган на граѓаните на општината. Советот на општина Прилеп …