ДЗР Македонија ревизија

ДЗР: Системски слабости, милионски долгови и нефункционален софтвер во ФЗОМ

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази мислење со резерва за финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) за 2024 година.

Најновиот ревизорски извештај открива сериозни и континуирани системски слабости, нефункционалност на ИТ системите и огромни финансиски долгови кои ја загрозуваат ликвидноста на институцијата. И покрај претходните препораки, Фондот сè уште не успева да воспостави ефикасни контроли врз фактурирањето на здравствените услуги и лекувањето во странство.

Финансиска дупка од 172 милиони евра

Ревизијата нотира алармантни податоци во однос на ненавремената уплата на средства од надлежните институции, што директно го отежнува навременото сервисирање на обврските кон здравствените установи.

Заклучно со февруари 2026 година, долговите кон Фондот достигнуваат астрономски суми:

  • Неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) изнесува околу 137 милиони евра (8.415.865 илјади денари).
  • Неисплатените средства од Министерството за здравство за неосигурени лица, на крајот на 2024 година, изнесуваат приближно 35 милиони евра (2.136.300 илјади денари).

Сомнителни ИТ набавки и нефункционални софтвери

Функционирањето на информацискиот систем на ФЗОМ се соочува со отсуство на стратешки документи, недостаток на кадар и делумна функционалност на модулите. ДЗР утврди дека доцни воспоставувањето на системот за електронски рецепт.

Особено критични се наодите во областа на јавните набавки за ИТ услуги:

  • Кај 17 од вкупно 20 ревидирани постапки била доставена само една понуда, што според ревизорите укажува дека техничките барања не биле сразмерни со предметот на набавката, ограничувајќи ја конкуренцијата.
  • Набавениот софтверски модул за прием и контрола на фактури за странско осигурување, иако е платен и формално прифатен, воопшто не е ставен во функција бидејќи не одговара на потребите.
  • Поради нефункционалниот софтвер, финансиската документација со странските фондови се обработува рачно, што го зголемува ризикот од пропусти.

Слаби контроли во болниците и хаос со лекувањето во странство

ДЗР констатира дека контролите кои Фондот ги спроведува се недоволни и неефикасни. Во 2024 година биле извршени само 44 контроли во болниците, при што кај речиси половината биле утврдени неправилности. Ревизорите критикуваат дека контролите во приватните болници се недоволни, иако таму висината на исплатите директно зависи од обемот на извршени услуги.

Дополнително, утврден е хаос во евиденцијата за лекување во странство:

  • Не се почитуваат законските рокови за одлучување.
  • Приближно половина од авансно исплатените средства кон странски болници за периодот од 2014 до 2023 година не се затворени, односно за нив не се добиени конечни фактури ниту е извршен поврат на парите.

Плаќање за неработење и застарени цени

Како клучно прашање, ДЗР го истакнува апсурдниот модел на финансирање. Фондот има законска обврска да обезбеди средства за целосно функционирање на јавните здравствени установи, дури и кога тие имаат реализирано значајно помал обем на услуги од договорениот. Ова значи дека не се применува принципот на плаќање според реално извршена работа.

Истовремено, референтните цени за здравствените услуги не ги одразуваат реалните трошоци, бидејќи дури 76,3% од нив се утврдени во периодот меѓу 2007 и 2014 година. Ревизијата исто така бара итно ажурирање на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот.

Следете повеќе длабински извештаи во рубриката „Анализа“ на Публикум.

Прочитајте повеќе

македонско и бугарско знаме бугаризација

Од „бугаризација“ до сурова реалност – Како власта ги изигра граѓаните со евроинтеграциите

Во политиката постои едно непишано правило: гласноста на опозицискиот популизам е обратнопропорционална со прагматизмот што …