ДЗР: Жените се мнозинство во јавниот сектор, но се исклучени од извршната власт

ДЗР: Жените се мнозинство во јавниот сектор, но се исклучени од извршната власт

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот најнов извештај лоцира сериозен дефицит на ефективни политики за позиционирање на жените на лидерски позиции во државата.

Анализата на ДЗР покажува очигледен дисбаланс: иако жените сочинуваат 57,5 отсто од вкупно 110.885 вработени во јавниот сектор, нивната застапеност драстично опаѓа на функциите каде што се носат клучните одлуки.

Квотите во Собранието даваат резултат, Владата без родова регулатива

Ревизијата, која го опфаќа периодот од 2020 до 2024 година, недвосмислено потврдува дека единствено законски обврзувачките квоти даваат реален ефект во пракса. Благодарение на нив, застапеноста на жените во Собранието изнесува 39,2 отсто, позиционирајќи ја државата пред 83 отсто од земјите членки на Европската Унија и на првото место во регионот надвор од ЕУ. Сепак, ДЗР критички забележува дека од 1991 година до денес, ниту една жена не била избрана за претседател на законодавниот дом.

Сосема поинаква е сликата во извршната власт, каде што Законот за Владата не предвидува родов баланс. Составот зависи исклучиво од мандаторот, што резултира со тоа во владата за периодот 2024-2028 година, од 20 министри со ресор, само 3 да бидат жени (15 отсто). Дисбалансот е очигледен и во вицепремиерскиот ешалон каде што нема ниту една жена, додека од 58 функционери именувани од Собранието, само 16 се жени.

Нетранспарентни постапки и говор на омраза

Ревизорите детектираат сериозни системски пропусти во механизмите за распределба на раководните позиции во органите на централната власт. Именувањата се вршат преку различни законски решенија, често на затворени седници, со што се нарушува транспарентноста и не се гарантира принципот на родова еднаквост, за разлика од именувањата во надлежност на Претседателот на државата каде што овој принцип е запазен. Дополнително, во документацијата за реализирани обуки во периодот 2022-2025 година не се регистрирани програми конкретно насочени кон жени лидери.

Како една од најсериозните бариери за учеството на жените во политиката, извештајот го нотира говорот на омраза во онлајн просторот. Ваквиот наратив има директно негативно влијание врз жените и нивните семејства, одвраќајќи ги од прифаќање високи раководни функции.

За системско решавање на проблемот, ДЗР препорачува итно усвојување на Предлог-законот за високи раководители доставен во мај 2026 година, кој треба да обезбеди избор според заслуги, како и воспоставување одржлив механизам кој ќе гарантира фер третман и сигурна средина за делување.

Прочитајте повеќе стручни согледувања во рубриката „Анализа“ на Публикум.

Прочитајте повеќе

Мицко Мицкоски

Вистиномер: Тврдењето на Мицкоски дека сме во топ 3 во Европа по економски раст е неточно

Тврдењето на премиерот Христијан Мицкоски дека економските резултати од вториот квартал во 2026 година ја …