основен кривичен суд скопје

ДЗР: Судската власт покуса за дури 58 отсто од законски предвидениот буџет

Парите кои се издвојуваат од буџетот за 2023 година за финансирање на судската власт, не го достигнуваат законски утврдениот процент од 0.8 проценти од бруто домашниот производ на буџетот на РСМ, односно одобрените средства во износ од 2.690.800 илјади денари се 0,3 отсто од БДП и истите се за дури 58 отсто помали од законски утврдениот лимит, стои во последниот извештај на државните ревизори за извршена ревизија на Основниот граѓански суд – Скопје.

Освен што не го располага законски утврдениот буџет, ревизорите нотирале и дека на крајот на 2022 година Основниот граѓански суд ја извршувал судската власт со 57 судии, вклучувајќи го и претседателот на судот (и еден судија времено упатен од Основен суд Крива Паланка), што е за 20 помал број на судии од утврдените 77 судиски места, вклучувајќи го и претседателот на судот.

Ревизорите нотирале и отсуство на веродостојни, вистинити и уредени сметководствени документи за потврда на набавната вредност на зградата во која е сместен судот, како и недвижни ствари кои не се евидентирани во сметководствената евиденција на судот поради неизвршено примопредавање на истите.

„Склучен е договор за закуп на деловна просторија на 01.12.1989 година со валута која не е во примена. До денеска не е изготвен нов договор за закуп или анекс на постоечкиот договор, со утврден месечен надоместок во валута која официјално е во оптек од 2002 година. Депозитите се со утврдена старосна структура и се однесуваат на период 2005 – 2023 година, но не е утврден статусот на предметите по судските депозити завршени /незавршени со цел преземање мерки за евентуално враќање на судскиот депозит или уплата на средствата во Буџетот на Република Северна Македонија“, наведено е во извештајот.

Ревизорите откриваат и дека во Основен граѓански суд Скопје, во тек се и 147 постапки во кои Судот се јавува како тужена страна од вработени и тоа: судии, а по основа на погрешно пресметан минат труд и основица на плата, судски службеници за додатоци на плата, како и судската полиција по основа на неисплатени додатоци на плата и барање за бонус плата за период од 2019-2023 година, во вкупен износ од 2.922 илјади денари.

„Дел од овие постапки се со правосилна одлука за исплата, за кои до крајот на 2023 година се исплатени 1.598 илјади денари, односно постапено е по 56 судски предмети со износ од 974 илјади денари. Основен граѓански суд Скопје е тужена страна по основ на надомест на штета, за која има второстепена пресуда на износ од 2.641 илјади денари, при што Основен граѓански суд Скопје е дел од групата на солидарни должници“, наведено е во извештајот.

Во него стои дека финансиските извештаи се одговорност на раководството на субјектот Основен граѓански суд Скопје, застапувано од Илир Сулејмани, претседател на Основен граѓански суд Скопје во период од 29.04.2015 до 08.11.2023 година, како и Бесник Авдија, претседател на Основен граѓански суд Скопје од 09.11.2023 година.

„Во тек е судска постапка каде Основен граѓански суд Скопје е тужител. Имено, станува збор за тужба на Основен граѓански суд Скопје и Основен кривичен суд Скопје за нанесена штета на деловните објекти и насилство кон луѓе. Врз основа на истата се донесени кривични пресуди за солидарни должници во период 2014-2021 година во вкупен износ од 1.742 илјади денари, односно за Основен граѓански суд во износ од 1.560 илјади денари“, наведуваат ревизорите.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Новинарката Мирослава Симоновска била тајно снимана, ЗНМ со повик за итна истрага

Новинарката Мирослава Симоновска била тајно снимана, ЗНМ со повик за итна истрага

Ова видео, кое беше проследено до национална телевизија од страна на шефот на Вишо јавно …