Е-дневникот проработе, наставниците повикуваат на бојкот и го хејтаат на фејсбук

Е-дневникот проработе, наставниците повикуваат на бојкот и го хејтаат на фејсбук

Електронскиот дневник (е-дневник) оваа недела е повторно во функција, откако претходно системот не работеше цела измината учебна година. Додека образовните власти одлучат дали наставниците ќе треба да внесат сè што не внеле од минатиот септември досега, наставниците негодуваат на социјалните мрежи.

Некои од нив дури и повикуваат на бојкотирање на е-дневникот, бидејќи, како што велат, нема поента тоа да го прават на три месеци пред крајот на учебната година.

Како дополнителна причина наведуваат дека тоа ќе значи многу административна работа, наспроти ниската плата што ја добиваат како наставници.

Мартин Поповски, одделенски наставник во училиштето „Панајот Гиновски“ во Бутел, смета дека не е фер заради нечија туѓа неажурност, подебелиот крај да го извлечат наставниците.

– Не сме ние виновни што системот не функционираше. Електронскиот дневник не функционира уште од почетокот на учебната година. Сметам дека не е фер да пополнуваме сè  што досега сме испуштиле, бидејќи се работи за долг период. Би потрошиле драгоцено време во адмнинистративни нешта, а наместо тоа, можеме времето да го искористиме да се посветиме комплетно на часовите, на практичната работа и на квалитетот на наставата. И онака целата евиденција си ја водиме во пишана форма, во обичните дневници – вели Поповски.

Електронскиот дневник ќе го ажурира фирмата „Сорсикс“, која Министерството за образование ја избрало на тендер.

Инаку, е-дневникот беше воведен во февруари 2011 година. Тој имаше за цел да ја подобри комуникацијата меѓу наставниците и родителите, кои добиваа известувања за постигањата и изостаноците на своите деца.

Практиката покажа дека системот често знае да не функционира, особено пред крај на полугодие или на учебна година кога сите во исто време се обидуваа да внесуваат оценки и други податоци.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

До Солун со 200 километри на час, за 2,5 милијарди евра

До Солун со 200 километри на час, за 2,5 милијарди евра

Проценките се дека брза пруга би чинела до 2,5 милијарди евра, а за да биде …