ЕБОР ќе даде 30 милиони евра кредити и 4,5 милиони грант за малите и средни претпријатија (МСП), за подобрување на нивните производствени капацитети и квалитетот на проиозводите преку воведување на ЕУ-стандарди.
„Ако една компанија земе еден милион евра кредит, тоа значи дека 150.000 евра се грант, а 850.000 евра треба да врати. Нашата економија ја сочинуваат најголем број на мали и средни претпријатија и овие пари може да ги искористат за подобрување на технологијата на произвдоство, да го зголемат квалитетот на производите и да станат конкурентни на странските пазари. Исто така ќе им биде обезбедена и техничка поддршка како да аплицираат, како да ги осмуслуваат бизнис-плановите преку домашни и странски консултанти“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на денешното официјално отпочнување на Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП во „Холидеј Ин“.
Раководителот на проекти од Делегацијата на ЕУ, Јанмат Фрик изјави дека малите и средните претпријатија во државата тешко доаѓаат до финансии.
„Иако банкарскиот сектор е профитабилен и ликвиден, пристапот до средства за малите претпријатија е тежок. Малите и средни претпријатија се соочуваат со потешкотии во користењето на тие средства.Тие немаат капацитет да напишат добар бизнис-план, што кај банките го крева ризикот и кредитите поскапуваат за мали средства. Исто така, проблем им е и да обезбедат гаранција“, додаде Фрик.
Тој додаде дека преку овие средства целта е да се зајакне конкурентноста на малите и средни претпријатија со инвестиции во софтвер, технолигија, опрема, надградба на управувањето.
Претставничката на ЕБОР во државата Анка Јоана Јонеску изјави дека има голема побарувачка и дека 25 милиони евра се распределни од страна на трите банки партнери Охридска, Шпаркасе и Комерцијална.
Во првите три месеци на 10 компании им се одобрени средства а 15 апликации се во напредна фаза на одобрување.