Еден Илинден, две Македонии

Еден Илинден, две Македонии

Пишува: Зоран Милошески

Од оној фамозен и неславен Букурешт 2008 година, ние, граѓаните на Македонија, живееме во два паралелни света. Не постои прашање по кое не можеме да се поделиме на најмалку два табора: предавници и патриоти, антички и словенски, про-руски и про-американски, бугарофоби и бугарофили… Дилемите дали некогаш ќе се опаметиме, дали минатото како најголем камен на сопнување ќе им го оставиме на историчарите, дали и кога конечно ќе почнеме да градиме иднина за генерациите кои доаѓаат, ќе останат актуелни и после вчерашниот Илинден.

И на овој 2.Август се уверивме во постоењето на двете Македонии во кои, по сопствен избор, живееме раскарани и закрвени.

Едната Македонија, онаа реалната, просперитетната, демократската и проевропската, ја видовме на Мечкин Камен. Таму некогашниот командант на ОНА, сегашен Претседател на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, зборуваше за заедничка татковина, соживот, европски перспективи, подобро утре. Цитирајќи делови од Крушевскиот манифест, собранискиот спикер нѐ потсети дека тоа не е ниту нешто ново, уште помалку пак страшно. Чинам дека зборовите на ниту еден досегашен говорник, државник, во изминатите години на чествување на најголемиот национален празник, не делувале толку убедливо и обединувачки. Сето тоа дава надеж и сигурност дека и покрај сите обиди за рушење на мултиетничкото општество, може да нѐ биде.

Другата Македонија, виртуелната, заробената, шовинистичката, ретроградната, деструктивна, груевистичката, се случи во Трново. Таму под покровителство на осомничениот криминалец Владимир Талески, разни белосветски преваранти и домашни квазипатриоти кои пропагирајќи лажен патриотизам направија кариери и пари на маката на Македонецот, говореа за предавници, петтоколонаши, ајдуци, врховисти, странски центри… Притоа, индикативно беше што преку ноќ од нивниот вокабулар исчезна “плашилото“ наречено „тиранска платформа“, го снема црното сценарио за растурање на државата, не кажаа што стана со намерата на “клетите Шиптари“ за делење и парчење на нашата татковина. Едноставно, со своето обраќање на Мечкин Камен, Џафери ја доведе до апсурд воинствената реторика на “напалените“ ќосиња.

Последниот Илинден покажа уште нешто: дека одбележувањето на славниот датум може да биде и поразлично и подостоинствено отколку досега. Вчера видовме дека степенот на патриотизам не се мери ниту според етничката, ниту според партиската припадност. Дека на градење заедничка Македонија може да повика и еден Албанец. Дека на Мечкин Камен не треба да има 30, 40, или 60.000 партиски војници донесени по списоци направени во партиските штабови. Дека на одбележувањето на празникот не треба да оди тој што мора, ами тој што сака.

Конечно, вчера се уверивме дека е можно минатото да се слави во Крушево, а иднината да се гради во Подгорица. И конечно, како резиме и поента на вчерашното празнување: Нашата Македонија е, сепак, поголема од нивната!

Прочитајте повеќе

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев за неделникот „Фокус“ Извинете, згрешивме!? Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина …