Протест руска агресија

Еден месец руска агресија: Над 10 милиони раселени, илјадници загинати лица и милијарди долари штета

На 24 февруари, Русија изврши воена инвазија врз Украина и со тоа ја започна војната што претставува најголем предизвик по мирот и безбедноста на Европа по Втората светска војна. Еден месец подоцна, руската агресија доведе до 10 милиони раселени лица од Украина, илјадници загинати војници и цивили, како и неколку милијарди долари штета врз Украина, предизвикана од руските воени дејствија.

Според проценките што ги објави НАТО вчера, Русија изгубила меѓу 7.000 и 15.000 војници, коишто загинале во текот на едномесечните воени дејствија, јавува Би-би-си. Официјална Москва досега само еднаш излезе со податоци – на 2 март – велејќи дека им загинале 498 војници, додека пара-државата Донецк за последен пат на 17 март излезе со податок дека биле убиени 349 нејзини војници. Според податоците на украинските вооружени сили, Русија досега изгубила околу 15.800 војници на сите фронтови во земјата, јавува Укринформ.

Според последните информации објавени од САД на 9 март, Украина претрпела загуби од 2.000 до 4.000 војници во досегашните воени напади на Русија, јавува американската телевизија Си-Би-Ес. Украинскиот претседател Володимир Зеленски за последен пат излезе со информации во јавноста за загубите на 12 март, посочувајќи дека 1.300 украински војници дотогаш загинале како последица на руската агресија.

УНХЦР вчера објави дека од почетокот на војната во Украина, животот го загубиле 977 цивили, меѓу кои 42 се деца. Во воените дејствија досега се повредени 1.594 лица. Украинските власти, пак, тврдат дека заклучно со вчерашниот ден, во руската воена агресија животот го изгубиле помеѓу 3.940 и 4.154 цивили низ целата земја.

Покрај илјадниците загубени животи за само еден месец, војната во Украина досега предизвика раселување на над 10 милиони Украинци. Заклучно со вчерашниот ден, податоците на Обединетите нации (ОН) говорат дека 6,5 милиони мажи, жени и деца биле принудени да ги напуштат своите домови и се внатрешно раселени во Украина. Над 3,5 милиони лица како бегалци ги напуштиле границите на Украина и се упатиле кон европските земји, првенствено кон Полска. ОН проценува дека 25 отсто од целокупното население на Украина било приморано да ги напушти своите домови.

Под налетот на војната, на Украина досега ѝ е нанесена материјална штета која што ретко кој може да ја пресмета во моментов, земајќи го во предвид фактот дека Русија продолжува секојдневно да врши напади врз украински цели, додека Украина презема одбранбени дејствија.

Ројтерс на 7 март ја пренесе информацијата на украинскиот министер за инфраструктура Олександер Кубраков, кој изјави дека на украинската инфраструктура до тогаш биле предизвикани оштетувања во висина од околу 10 милијарди долари. Киевскиот градоначалник Виталиј Кличко на 17 март во изјава за Укринформ, пренесена од шпанската новинска агенција ЕФЕ, вели дека само нападите врз украинскиот главен град досега предизвикале штети од неколку милијарди долари.

Кличко во својата изјава ги вбројува штетите на инфраструктурата во Киев и домовите на граѓаните, неработењето на економијата и раселувањето на голем број цивили.

„Не постојат прецизни бројки, но станува збор за милијарди долари штета“, изјави киевскиот градоначалник Кличко.

На еден месец од почетокот на руската инвазија врз Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика граѓаните од целиот свет да излезат на протести во своите земји против руската војна.

 

„Светот мора да ја сопре војната. Излезете од вашите канцеларии, вашите домови, вашите училишта и универзитети, соберете се во име на мирот, соберете се со украински симболи во поддршка на Украина, во поддршка на слободата, во поддршка на животот“, изјави Зеленски, повикувајќи на масовни протести низ светот.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …