Единството и неговата (зло)употреба

Пишува: Жарко Стеваноски

Кога лидерот на опцијата која ја застапуваш недвомислено покажал и во секоја прилика ја потенцирал потребата од реална имплементација на термините „демократија“ и „дебата“, тогаш за секој искрен поддржувач на таквата идеологија треба да е повеќе од јасно дека таквата заложба познава само два принципа, кои во зависност од политичките услови во кои функционира, треба дозирано да се применат.

Едниот тргнува од функционалност во услови на опозиционерство, т.е. кога нејзините поддржувачи без оглед на внатрешната структуираност се должни да покажат единство кон основната цел – наметнување како водечка опција во државата, додека другиот принцип тргнува од функционалност од позиција на власт. Да не заборавиме дека употребата на терминот „единство“ често се злоупотребуваше со цел да се елиминира критичкиот остврт кон веќе постоечката функционалност на партијата и беше начин критичарите да се елиминираат како деструктивна внатрепартиска струја.

Доколку овие два принципа се помешаат во поглед на условите во кои би требало да се применат и доколку соодветно не се дозираат врз сопственото ткиво, тогаш во партијата се отвора простор за создавање на извртени вредности во практикување на нејзината идеолошка функционалност. Истовремено се елиминира можноста од акумулирање на есенцијата на погоре наведените термини: транспарентност во делувањето, самокритичност во постапувањето, објективност во оценка на состојбите и најважното од сѐ, негување на постоечкот потенцијал и изнаоѓање на нов, во правец на нивно усовршување.

Искрените поддржувачи на довчерашната опозиција треба да се свесни дека моментално се наоѓаме на прагот на „функционалност во услови на власт“ и дека употребната вредност на термините „демократија“ и „дебата“ во вакви моменти би требало да претставува семе од чии плодови ќе се храниме во наредните 4 години. Какво семе ќе посееме сега, такви плодови ќе израснат. Затоа, кога во политиката ќе се рече дека некој изгубил контакт со реалноста, како што тоа го гледаме кај ДПМНЕ, тоа практично значи дека го погрешил времето и дозата при употребата на зачините „демократија“ и „дебата“.

Прочитајте повеќе

Пендаровски

Зошто пак ќе гласам за Пендаровски

Со изборот на Стево Пендаровски и коалицијата за членство во ЕУ, современиците имаат историска шанса, …