Повеќе од една четвртина Македонци ја напуштиле земјава во последниве десетина години. Уште илјадници други се подготвуваат да си одат во потрага по подобар живот.  Феноменот на потенцијална емиграција е застрашувачки, алармира Светска Банка. Оние кои заминале, ретко се враќаат.

„Надвор секако, затоа што нема иднина тука. (што ви недостига?) Адекватно образование и работа за сите.“ – велат младите.

Образованието, здравствениот систем, економската нееднаквост, се главните причини што младите купуваат билет во еден правец. Дополнително велат, слабите услови за успех и напредок во кариерата, ги обесхрабруваат младите „мозоци“ да останат во Македонија.

„Листата зошто не се гледам тука е многу голема. Почнувајќи од здравство, нормален живот.“ – велат младите.

Надлежните тврдат дека бараат решенија. На денешната дебата посветна на оваа тема, министерката за образование вети отворање на нови работни места за младите кадри, во склоп на универзитетите.

„Со тоа на големо задоволство можам да кажам дека дел вративме, а дел спречивме да заминат. Оваа недела веќе се пуштени нови согласности во министерството за финансии коишто ќе овозможат вработување на нови луѓе во универзитетите.” – изјави министерката Рената Дескоска.

Сепак, постарите генерации се скептични. Велат некогаш верувале во ветувањата на политичарите , се додека своите деца не ги испратиле на аеродромите.

„Само се тврди дека на младите ќе им се пружи шанса, ќе се обезбедат услови, меѓутоа тоа не се гледа. Нормално нема никој да работи за 200-300 евра ќе бегаат се повеќе.“ – велат постарите.

Најголем дел од иселениците се со високо образование. Младите се децидни, трендот на иселување може да се намали само со вистински реформи кои ќе ги задоволат барем основните потреби – шанса за работа и достоинствена плата.

Извор: 24 Вести