Една година папа Лав – каде ја води Римокатоличката црква?

Една година папа Лав – каде ја води Римокатоличката црква?

Тој носи посвечена и потрадиционална облека од својот претходник. Освен тоа, папата Лав XIV, за разлика од папата Франциско, повторно живее во Апостолската палата, високо над плоштадот Свети Петар во Ватикан. Исто така повремено се повлекува во папската летна резиденција, Кастел Гандолфо, што папата Франциско никогаш не го правеше. Кога станува збор за надворешни обележја, американскиот кардинал Роберт Превост, кого конклавата го избра пред една година на 8 мај 2025 за поглавар на Римокатоличката црква и кој го зеде името Лав XIV, се однесува во многу точки различно од својот претходник.

Каде овој папа теолошки ја води Црквата е отворено прашање

Кога станува збор за програмската, теолошка и црковно-политичка насока, и натаму е нејасен правецот на папата Лав. Сè уште нема енциклика, односно ниту еден голем поучен документ од Лав, нагласува црковниот историчар од Аугсбург, Јерг Ернести, во разговор со ДВ. Па така „останува отворено на каде теолошки води овој папа“. Се чини дека сè уште свесно се воздржува во однос на тоа прашање. Првите зборови кои Лав ги изговори неколку часа по неговиот избор на 8 мај 2025 година од базиликата „Свети Петар“ беа „Мир со сите вас!“

Ниту еден поим не се појавува почесто во говорот од зборот „мир“. Лав се залага за „невооружен и разоружувачки мир, скромно и упорно“. Со тоа во голема мерка ја следи линијата на својот претходник, кој во повеќе наврати се изјаснуваше за рускиот напад врз Украина и конфликтот во Газа. Милитаристички обележаната надворешна политика на американскиот претседател Доналд Трамп на мотивот мир му дава дополнителна важност – американското мешање во Венецуела, заканите за Куба и Гренланд, војната против Иран. Најдоцна со нападот врз Иран, чие тежнеење кон нуклеарно оружје со години предизвикува меѓународна загриженост, доведе до отворен конфликт меѓу двајцата најважни Американци на светот – папата, кој главно зборува промислено, и претседателот, кој настапува грубо.
Во војната со Иран, Трамп отворено се закани дека ќе ја уништи земјата по Велигден. „Цела цивилизација ќе исчезне вечерва“, рече тој. Кога папата ја отфрли заканата како „навистина неприфатлива“ и предупреди од „фантазии за семоќ“ кои стануваат „сè понепредвидливи и поагресивни“, Трамп лично го нападна. Го нарече „многу левичарски“ и во однос на надворешната политика „ужасен“. Можеби Трамп притоа ја занемарува важноста на Венецуела и Куба, но и на Либан, за Ватикан. Сите три земји имаат католичка традиција.

Напад врз папата: „Ниту Хитлер, ниту Мусолини, ниту Наполеон“

Црквениот историчар Ернести, кој напишал бројни книги за папството и поединечни папи, оценува дека нападот на Трамп врз Лав е без преседан.

„Никој толку омаловажувачки не се изразил за личноста на папата. Тоа не го правеле ниту Хитлер, ниту Мусолини, ниту Наполеон.“

Исто така е „сосема бесмислено“ да се критикува морален авторитет како Папата. Лав според Ернести, реагирал многу мудро и смирено се повикал на својата служба. Подоцна на новинарите во авионот со кој летаа за Африка, им рекол дека не се плаши од Трамп. Нападот од американскиот претседател доведе до тоа критичките изјави на поглаварот на Црквата, изречени во краток говор една вечер во Кастел Гандолфо, да го привлечат светско внимание што може да се должи и на фактот дека во изминатите месеци од некои земји во западниот свет, вклучувајќи ги и САД, пристигнуваат извештаи за нов бран на интерес за верата и Црквата.

Помалку внимание привлече полемиката меѓу потпретседателот на САД Џ.Д. Венс и Папата, иако во принцип можеби беше поважна за Папата отколку испадите на претседателот. Венс, кој се преобратил во католицизам дури во 2019 година и веќе се потпира на реакционерни теолошки мислители, го повика папата да биде претпазлив кога зборува за теологијата. Најдобро би било, рече тој, „Ватикан да се држи до прашањата за моралот“. Ванс подоцна го ублажи тонот.

Папата Лав XIV (лево) дава изјава за новинари кои ги имаат насочено микрофоните кон него
Изјава што предизвика големо внимание: папата Лав ги критикува заканите на американскиот претседател кон Иран (7.4.2026)

За сега нема замерки за Европа

За разлика од неговиот претходник, од досегашните говори и изјави на папата Лав не може да се прочита критика за Европа или Црквата во европските земји. Папата Франциско повремено се служеше со остри зборови и ја обвинуваше Европа дека е уморна и затворена. Лав до сега, кога прима претставници на европските земји, се покажува добронамерен. Во јуни на распоредот му е шестдневна посета на Шпанија. Сепак, се гледа дека Африка му лежи особено на срце. Во април 2026 година, тој мина единаесет дена во четири африкански земји што значи дека веќе до овој момент минал повеќе време во Африка отколку Бенедикт XVI за време на неговиот осумгодишен понтификат. Уште од почетокот на неговиот понтификат, тој размислувал за патување во Африка, рече Лав во неколку наврати.

Африка ја престигнува Европа

За експертот за папство Ернести, оваа „многу свесна одлука на Лав“ се вклопува во поширок контекст. Веќе 150 години Африка е „фокус на папите“. Денес Црквата во Африка расте во просек за три проценти годишно, додека европската стагнира.

„Тежиштата во рамки на Католичката црква се поместуваат“, вели Ернести. Сè повеќе Африканци работат во Ватикан. Таквата насоченост и уважување од страна на Папата сигурно важат и за неговиот поглед на Азија и Латинска Америка. Од конфликтот меѓу американскиот претседател Трамп и Папата, многу набљудувачи веќе не очекуваат Лав кој е роден во Чикаго, да ги посети САД за време на мандатот на Трамп.

На гласините дека американската администрација би сакала да го види поглаварот на Црквата на прославата по повод 250-годишнината од Декларацијата за независност на САД на 4 јули, Ватикан одговара на свој начин. Токму на денот кога Американците ширум светот ја слават својата земја, папата Лав го посетува медитеранскиот остров Лампедуза.

Лампедуза се смета за симбол за миграцијата и тешката положба на бегалците уште од летото 2013 година, кога папата Франциско, неколку месеци по конклавата, го посети островот и ги оплака илјадниците бегалци кои загинаа обидувајќи се да стасаат до Европа по опасен пат. Лампедуза е и за Лав програмски важна. И тој го нагласува страдањето на милиони луѓе низ целиот свет кои се принудени на бегство. Тоа е евидентно и во програмата за неговата посета на Шпанија. Последните два дена од патувањето го носат на двата канарски острови, Гран Канарија и Тенерифе, кои се популарни туристички дестинации на кои сè повеќе бегалци од Африка пристигнуваат со брод. Лав ќе им обрне внимание и на нив. На омилените дестинации на европските туристи, Папата ќе потсети дека миграцијата и судбината на бегалците и натаму се важни теми.

Поранешниот папа Франциско за време на посетата на Ламбедуза отпоздравува десетици луѓе со жолти и бели капчиња
Извор: DW