Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Прифаќањето на различноста и свесноста за постоење на истата, во секоја смисла е карактеристика на личности кои се зрели, еманципирани и со висока свест. За мнозинството луѓе, различноста како категорија е многу тесна. Така, кај нас, кога најчесто се зборува за различност, се мисли на религиозна или етничка. И тоа секако не е важна различност во погледот на универзалистите, но доколку егзистираш во политички систем како македонскиот, кој со сите досегашни реформи и механизми е етноцентристички, тоа е важна различност и многу е важно како системски се менаџира.

Бидејќи целото внимание е насочено кон одлуката на Европската Унија за отпочнување на преговарачкиот процес, ќе доловам еден ретроспективен приказ на Европските извештаи за тоа како нашата земја до сега ги менаџира меѓуетничките односи и колку истите како резултат на тоа се подобрени?

По добивањето на кандидатскиот статус во 2005 година, Извештајот на Европската комисија содржеше пофалби за Македонија, која силно се заложи за имплементација на Охридскиот рамковен договор како и за значајниот прогрес во зајакнување на стабилноста во земјата по 2001 година. Извештајот на Европската Комисија од 2006 година, укажува на прогрес во поголемата застапеност на немнозинските заедници во јавната администрација и јавните претпријатија, но укажува и на недоволна можност за интеракција помеѓу различните етникуми, посебно во делот на образованието. Извештајот од 2007 потенцира мал прогрес за вработувања во полицијата, Комитетите за односи меѓу заедниците сè уште не се воспоставени во многу градови, а онаму каде што се, не се ефикасни, а се истакнува и потребата за одржлива рамка за регулирање на употребата на јазиците.

Во 2008 забележан е исчекор во делот на воспоставување на Комитет за односи меѓу заедниците во рамките на Собранието на Македонија. Во истиот закон е предвидено и воспоставување на Агенција за остварување на правата на заедниците. Во следната година се укажува на потребата од зајакнување на капацитетите на Секретаријатот за спроведување на Охридски рамковен договор (СИОФА). Во 2010 година се прават мали чекори во однос на зајакнување на капацитетот на СИОФА, но и по 9 години од потпишување на Охридскиот рамковен договор (ОХРД), Секретаријатот не подготвил ниту еден извештај за сработеното и постигнатото во таа институција. Следната 2011 година, се зголемува буџетот за СИОФА но, во видлива форма, не постои извештај за сработеното ниту на 10 годишнината од потпишување на Охридскиот рамковен договор. И во 2011 година Комитетите за односи меѓу заедниците  се недоволно кадровски екипирани и неефикасни.

2012 година е во сенка на случајот „Монструм”, а во 2013 година и по 12 години од ОХРД,  сè уште се укажува на потребата од децентрализација, недискриминација, еднаква застапеност, употреба на јазиците и образование. 2014 година е карактеристична по судската пресуда за „Монструм” и по изборите во кои, за поедини случаи, етно-центризмот е забележан во соодветниот извештај од таа година.

Следните три години, 2015, 2016 и 2017 се години на длабока политичка и општествена криза. Во 2018 година се носи Законот за употреба на јазиците, по скратена постапка и без почитување на чекорите за проценка за влијание на регулативата. Од оваа регулатива произлегува Агенцијата за спроведување на законот за јазиците, која е започната да се формира. А, во 2019 година, пак, Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор е предвидено да се трансформира во нова институција – Министерство за политички системи и односи меѓу заедниците. Начинот на трансформирање се одвива без почитување на Проценка на влијание на регулативата. Тоа значи, без да се утврдат причините и предвидените последици од одлуката и без вклучување на засегнатите страни во процесот. Извештајот на Европската комисија од 2019 година, упатува на соработката која треба да ја развива новото Министерство, со Министерството за образование, Министерството за култура, како и со Агенцијата за остварување на правата на заедниците (се надевам и со останатите институции кои за специфична надлежност имаат регулирање/подобрување на односите меѓу заедниците).

Доколку концентрирано ги следиме податоците од Извештаите, ќе видиме дека постои неповрзана институционална рамка на институции кои се со специфични надлежности за подобрување на односите меѓу заедниците. А односите меѓу заедниците, од друга страна, системски се влошени. Паралелното функционирање на јавните функционери во зависност од етничката припадност и несоработката помеѓу различните етникуми во институционална рамка, е јавна тајна. Различните заедници немаат проблем на микро ниво, во комшилук или на пазар, но на централно и локално институционално ниво партиско-етничката линија е јасно и прецизно поставена.

Постојат поголем број значајни извештаи кои се подготвуваат од страна на граѓанските организации и академски кадри, а кои се однесуваат на укажувања за бројните аномалии во процесите кои, овој пат, новото Министерство ќе мора да ги земе во предвид. Освен тоа, Министерството ќе треба да најде начин да се оспособи со кадри врз база на системот на заслуги, кои ќе поседуваат капацитет за да продуцираат јавни политики, во спротивно нема да биде возможно остварувањето на еден од најдобрите проекти на Владата, а тоа е Националната стратегија за развој на концептот за едно општество за сите!