ЕДНОНАЦИОНАЛНИ ПЛАТФОРМИ ЗА МЕЃУНАЦИОНАЛНИ КОНФЛИКТИ

ЕДНОНАЦИОНАЛНИ ПЛАТФОРМИ ЗА МЕЃУНАЦИОНАЛНИ КОНФЛИКТИ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години
Неопходен е надзор на родител или старател

Македонската политичка сцена е класичен пример за оксиморон: толку е жална, што е дури и смешна!

После стотици и стотици објавени прислушувани разговори од кои стана јасно оти на чело на државата сме имале мафијашко здружение кое со нас си играло ку.ташак, кај нас сѐ уште се води дебата дали на СЈО треба да му се продолжи мандатот!? Наместо да скапува во зандани и никогаш повеќе да не му се види ликот и да не му се чуе гласот, творецот на сите зла кои придонесоа Македонија да биде најмизерната земја на светот, Никола Груевски, јавно испраќа закани што ќе се случело доколку СДСМ и ДУИ формирале Влада. И наместо конечно да почне да се занимава со својата работа, најголемиот полтрон кој било кога седел во фотелјата на Јавното обвинителство, Марко Зврлевски, глуми лудило и вниманието го пренасочува на бркањето вештерки.

„Помалиот брат“ од семејството на власт, Али Ахмети, еден месец после завршувањето на изборите ги држи граѓаните „на кумплунг“, продавајќи им демагогија и држејќи лекции за моралните вредности. И без разлика што граѓаните од албанската етничка заедница јасно му порачаа дека не сакаат да бидат дел од владина коалиција предводена од ДПМНЕ и што истото му го кажаа потпретседателите, градоначалниците и огромното мнозинство од највисокото партиско раководство, тој и натаму со државата си игра топло-ладно.

Повикувајќи се на чамче муабетот постигнат со Грујо во некоја чајџилница во Шипковица според кој победничките партии кај двата етникума треба да формираат Влада, Ахмети, всушност, бара „рачка“ да игра на музиката која ја свири чедото на мајка Нада. Бидејќи тешко дека има здраворазумен човек кој ќе поверува дека командантот го гризе совеста заради евентуалното непочитување на бесата која му ја дал на Пастирот, која заради својата „тежина“ не заслужила да биде овековечена ниту на „нон пејпер“, па дури ни на тоалетна хартија.

Конечно, еве да речеме дека сето тоа е неважно, дека сме поверувале оти моралните и етичките вредности кај Ахмети еволуирале до највисок стадиум…Во тој случај чесно би било да се изјасни дека составувањето Влада во овие околности е невозможна мисија. За да може да се бара чарето. Оти актуелната лимбо состојба веќе е станата неиздржлива и води кон уште полошо.

Не знам дали последната анкета воопшто ќе го активира алармот за „општа опасност“ во штабот во Мала Речица. Ама затоа знам дека тактизирањето и купувањето време повеќе не е опција за првиот интегративец. Можеби за него лично, да, но за партијата и албанското гласачко тело, сигурно не. Граѓаните сакаат одлучни лидери кои носат храбри одлуки, позади кои ќе застанат недвосмислено и со сиот свој авторитет. Нешто слично, само малку поконкретно, на Ахмети му порачаа неговите многу влијателни сопартијци Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити. Тие знаат што сакаат и тоа не го кријат: што побрзо формирање Влада, СДСМ за коалициски партнер и, многу веројатно, уште по еден градоначалнички мандат. Притоа, лидерската амбиција на едниот од нив претставува дополнителен притисок врз сегашниот лидер, што само ја комплицира неговата весела математика: како и волкот да биде сит, но и овците да останат на број?

Заради сето ова, времето повеќе не е сојузник на ДУИ. Не само што БЕСА им дише во врат, туку ако продолжат со досегашното политиканство, партискиот рејтинг не ќе можат да го видат ниту со лупа, градоначалничките позиции ќе им останат пуста желба, што пак неизбежно ќе доведе до нивно брзо исчезнување од политичката сцена.

Во меѓувреме, нивниот сѐ уште актуелен владин партнер заигра на картата која по правило продуцира партиска, етничка, религиска и којзнае уште каква сѐ нетрпеливост. Ако на опозициските протести организираше контрапротести а на истрагата на СЈО за финансирањето на ДПМНЕ им го спротивстави ОЈО со нивното „копање“ по финансиите на СДСМ, некако „природно“ му доаѓа на албанската Платформа да одговори со македонска Платформа. Нормално, за оваа работа Грујо е целосно „неинформиран“ и за иницијативата на кратовскиот феудалец разбрал од куририте…

После 11 години на власт, capo di tutti capi ги истроши сите финти, стана провиден и лесен за читање. Но тоа не значи дека се предал. Сѐ дури власта му е во раце и додека краде наши, а троши државни пари, тој ќе биде извор на нестабилност и потенцијална закана по опстанокот на државата. Од тие причини, сите флоскули на командантот од Шипковица за неговата божемна заложба за „албанската кауза“, всушност, се параван за купување ден повеќе за опстанок на политичката сцена на главата на злосторничкото здружување. Последиците од неговата „купи ден помини“ политика за граѓаните ќе бидат тешки и болни, но по него и неговиот „брат по оружје“, порано или подоцна – брутални!

Автор:

Чеге Вара                                             Прилеп, ебаго!…….(141) 

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …