По повод Европскиот ден на соработка, во организација на Министерството за локална самоуправа и ЈКП „Комуналец“ – Прилеп,  со ученици од 1 одделение од ООУ „Климент Охридски“ беше одржан едукативен час насловен како „Ајде да селектираме и рециклираме“.

Едукативниот час за начинот на селекција, придобивките од неа, заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, се одржа на платото за мануелна селекција и работните простории во ЈКП „Комуналец“.

Вработени од јавното претпријатие го презентираа начинот на селекција во домашни услови, по принципот на селекција “врата до врата“ со две канти. На учениците им беше објаснето кои отпадни материјали во која канта треба да се одлагаат и зошто е битно да се селектира отпадот. Учениците покажаа голема интерактивност и се интересираа зошто отпадот не треба да се меша, како е можно од отпад  да се прават нови производи, како се мие отпадот кој е извалкан и кој го прави тоа?

Со функционирањето и дејноста која ја извршува ЈКП „Комуналец“, учениците ги запозна в.д. директорот Звонко Јованоски, кој им објасни зошто се важни јавното претпријатие и комуналните работници.

„Ние работиме услуга која е од  јавен интерес за граѓаните. ЈКП „Комуналец“ се грижи отпадот да биде навремено подигнат од  вашите домови, воедно се грижи улиците и тротоарите да бидат чисти, за да имаме здрава животна средина. Она што посебно го правиме за градот, а најмногу за најмладите, тоа е одржувањето на парковите, каде децата во секое време имаат катче за уживање забава и релаксација. Прилеп е еден од ретките градови каде се селектира отпадот. Освен во градот, годинава започнавме  и селекција во населените места. Во тек е набавка на нови корпи за отпадоци кои ќе бидат распределени во домовите каде се’ уште немаат канти за селекција. Според Министерството за животна средина и „Пакомак“, Прилеп  селектира отпад колку што вкупно селектираат сите градови во Македонија. Годинава ЈКП „Комуналец“ бележи раст од 10% во селектирање на отпадни материјали. Тоа ни дава поттик да продолжиме и понатаму да вложуваме во одделението за селекција на отпад, во обука на вработените, во едукација на населението, но и во материјални средства кои се неопходни при процесот на работењето“, истакна в.д директорот Јованоски.

Јованоски им се заблагодари на најмладите и на наставниците што покажуваат желба и интерес да го селектираат отпадот, а со тоа истите придонесуваат за заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

Наставникот Весна Велјаноска, посочи дека јавните претријатија и институциите треба да имаат повеќе вакви едукативни средби, организирани од сите дејности, со цел учениците низ практична настава да се запознаваат со навиките и однесувањето.

Учениците го посетија и паркот на „Могилата на непобедените“, каде наставниците ги учеа најмладите како да се однесуваат кога се во парк, каде да ги одлагаат отпадоците и како да не им наштетуваат на зелените површини, дрвјата и поставената комунална инфраструктура.

По едукативниот час, учениците беа почестени од вработените во ЈКП „Комуналец“ и беше изразена благодарност до нив заради искажаниот интерес и желба од мали нозе да си го сакаат градот, да се однесуваат културно и коректно кон местото каде живеат, а со тоа да допринесуваат градот да ни биде убав и чист.