Алкалоид службено го освои Европскиот куп, регистриран е неодиграниот реванш со 10-0

ЕХФ: Алкалоид службено го освои Европскиот куп, регистриран е неодиграниот реванш со 10-0

ЕХФ официјално го регистрира резултатот од реваншот со службени 10-0 во корист на Алкaloид. Со тоа, заедно со победата од првиот натпревар во Атина (25-29), македонскиот тим оствари двете потребни победи и го освои својот прв европски трофеј

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска ја објави конечната и официјална одлука околу неодиграниот реванш натпревар од финалето на Европскиот куп, со што македонскиот клуб РК Алкалоид и формално е прогласен за освојувач на трофејот во сезоната 2024/25.

Реваншот, закажан за 25 мај во Скопје, не се одигра поради одлуката на грчкиот тим АЕК Атина да не се појави на терен. ЕХФ утврди дека клубот од Грција со тоа директно ги прекршил правилниците на федерацијата.

„Ракометниот суд на ЕХФ утврди дека АЕК бил должен да игра на закажаниот натпревар. Со одбивањето да го стори тоа, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и затоа е одговорен,“ се наведува во соопштението.

ЕХФ официјално го регистрира резултатот од реваншот со службени 10-0 во корист на Алкaloид. Со тоа, заедно со победата од првиот натпревар во Атина (25-29), македонскиот тим оствари двете потребни победи и го освои својот прв европски трофеј.

„РК Алкалоид е затоа победник на Европскиот куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/25, вклучувајќи ги сите последици и предности што произлегуваат од оваа титула,“ потврдува федерацијата.

Жалба на одлуката може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена, но тоа нема да има суспензивно дејство. Дополнително, ЕХФ најави дека дисциплинските постапки поврзани со бојкотот на АЕК, евентуалните штети и нерешените прашања околу билетите – сè уште се во тек.

„Ова не е само победа. Ова е уште една потврда за големиот успех и за квалитетот на нашиот тим и на македонскиот ракомет! По извојуваната победа во Атина во првиот дуел, противникот РК АЕК одби да го одигра реванш-натпреварот во Скопје од свои причини. По разгледувањето на сите случувања и докази, ЕХФ донесе одлука за службена победа од 10 : 0 голови и од 2 : 0 поени за РК Алкалоид. Трофејот од Европскиот куп заслужено ќе биде во нашите витрини!“ напишаа РК Алкалоид на својата Фејсбук страна.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кина најавува воена обука со Србија, Брисел го предупредува Белград

Кина најавува воена обука со Србија, Брисел го предупредува Белград

Првата заедничка обука на српската и кинеската армија е нов чекор за двете земји во …