Победник на турнирот во мал фудбал „Свети Никола 2017“ кој изминативе 16 денови се одржуваше во Прилеп, е екипата на „Марфил“. Во синоќешното финале „Марфил“ ја победи екипата на „Зоки 2006“ со 1:0. Оваа екипа доаѓа од Куманово, а спонзор им е месната индустрија „Марфил“ од Прилеп. За најдобар играч на турнирот беше прогласен Драган Петровиќ од победничката екипа. Наградите на турнирот ги подели градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.

„Ова е прекрасен турнир на кој ние доаѓаме веќе 5 години по ред. Атмосферата во текот на целиот турнир беше прекрасна, публиката беше одлична, исто така и целата организација ја оценувам со највисоки оценки. Се надевам дека и наредната година ќе дојдеме тука“, истакна најдобриот играч на турнирот Драган Петровиќ.

Третото место го освои екипата на „Волци“, која со 4:2 ја победи екипата на „Мите Транс“.

Трите екипи добија и парични награди: победникот на турнирот освои 160.000 денари, второпласираната екипа 90.000, а третопласираната 60.000 денари. За најдобар стрелец на турнирот беше прогласен Јорданчо Наумоски од екипата на „Мите Транс“.

Кај ветераните победник беше екипата на „Златна рака“, која паричната награда од 20.000 денари ја донираше за Општата болница „Борка Талески“ од Прилеп.

Градоначалникот Јованоски се заблагодари за одличната организација на „Локалниот спортски сојуз“ и компанијата „Комфи Ангел“.

„Уште еднаш сакам да повторам дека овој турнир е од хуманитарен карактер и сите собрани средства ќе бидат наменети за изградба на Центарот за деца заболени од церебрална парализа. Уште еднаш во оваа прилика на сите граѓани им ги честитам претстојните празници и ги повикувам сите заедно на 31 декември заедно да ја пречекаме Новата година на градскиот плоштад „Методија Андонов Ченто“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Организаторите на овој настан ветија уште подобра организација, забава и дружење идната година.