Екологисти реагираат: Законот за животна средина не е европски и ќе создаде девастирачки последици

Екологисти реагираат: Законот за животна средина не е европски и ќе создаде девастирачки последици

Предложените измени на законот за животна средина не се во насока на остварување на целите на Директивата 2011/92/ЕУ, туку претставуваат парцијално определени членови чија измена не може да придонесе кон соодветна и целисходна примена на постоечкиот закон за животната средина и европската легислатива, апелираа од граѓанската организација Еко свест.

Предложениот законски текст, кој денеска ќе се најде пред пратениците во Собранието, според екологистите, доколку го помине првото читање во оваа форма, несомнено ќе придонесе кон создавање на правна празнина за толкување, со оглед дека од него се бришат суштински делови како на пример управувањето со контаминирани подрачја, измена на значењето на терминологијата од општите одредби, определување на рокот за поднесување елаборати за заштита на животната средина, спроведувањето на ОВЖС и слично.

Од организацијата велат дека предложените измени и дополнувања директно се повикуваат на одредбите на Законот за заштита на природата, а веќе има постапка за донесување на нов закон за природа кој е објавен на ЕНЕР, со што постои можност одредбите од овие два закони да не кореспондираат.

„Апелираме до пратениците и Собранието на Република Северна Македонија да ги земат во предвид нашите коментари со цел да се спречи создавање на можност за остварување практика која ќе предизвика негативно влијание врз животната средина“, велат од Еко свест.

Од иницијативата Зелен хуман град велат дека под превезот на поедноставување, Министерството за животна средина и владата предлагаат бришење на клучните механизми за идентификација, управување со и санација на контаминираните подрачја, со што фундаментално ја ослабуваат заштитата од индустриското и рударското токсично наследство. Истовремено, дозволуваат реконструкции на тешка и загадувачка индустрија на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени подрачја – забрана која постоеше со години. Укинуваат задолжително снимање на јавните расправи, ги ослабуваат гаранциите за електронска достапност на документацијата, а задолжителните институционални мислења за индустриската безбедност ги заменуваат со комисија избрана од министерот.

Со измените се избришани и членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г од актуелниот Закон за животна средина кои се однесуваат на идентификација, управување со и санација на контаминирани подрачја. Со елиминацијата на овие членови значително се ослабува правната основа за справување со високозагадени подрачја, за што екологистите веќе доставиле коментари.

„Планот за управување со контаминирани подрачја од 28-б со години спречуваше контаминирано земјиште да може да се продава или да се дава под концесија. Сега ќе биде возможно некој да ви продаде загадена земја и вие да немате поим за тоа. Со бришење на членот 28-в се трга механизмот за координација меѓу институциите, општината и научните установи за да постапуваат со државни контаминирани подрачја.

Понатаму, реконструкција на тешка и загадувачка индустрија со години беше забранета на растојание помало од пет километри од населено место или заштитено природно подрачје. Со предложените измени, сите одамна затворени индустриски инсталации на пример во Скопје ќе може да продолжат да работат и дополнително да ги трујат скопјани, а и постоечките да си го прошират производството. Наместо да се оди кон целосно оддалечување на загадувачката индустрија од населени подрачја, со измените се прави катастрофален регресивен чекор“, велат од ЗХГ.

Посочуваат дека се брише обврската во записникот од јавните расправи да се вклучат заклучоците и да се приложуваат стенографски белешки и аудио или видео запис од расправата кои е задолжително да се објават јавно на интернет, и се елиминира обврската целата документација за работата на еден загадувачки капацитет или проект да остане електронски достапна, иако и со досегашната обврска имаше злоупотреби, информациите се објавуваа предоцна или беа на места каде што не може лесно да се најдат, а со предложената измена ќе може и целосно да ѝ се недостапни на јавноста што е комплетно спротивно на начелата за непречен пристап до информации поврзани со животната средина.

Измените предвидуваат и дека ако надлежните органи не достават мислење во рокот, се смета дека немаат забелешки.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Митовски до Владата и АХВ: Дајте ни законски механизам за проблемот со добитокот во Крива Паланка

Митовски до Владата и АХВ: Дајте ни законски механизам за проблемот со добитокот во Крива Паланка

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на денешната прес-конференција упати итно барање до Владата …