Активистите на еколошките здруженија кои се спротиставуваат на отворањето на рудникот на бакар и злато Иловица во струмичката котлина ѝ упатија ултиматум на Владата да ѝ ја одземе концесијата на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ најдоцна до вторник, 16 октомври, кога е предвидена да се одржи седница на Владата. Во спротивно, тие најавија дека „ќе го повикаат народот сам да се заштити и сам да го реши проблемот“.
„Повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања. Не прифаќаат ниту граѓаните, кои од нас бараат акции за сопирање на рудникот“, велат еколошките здруженија кои го потпишаа обраќањето до Владата на Зоран Заев.
Тие наведуваат дека постојат бројни аргументи во полза на ваквото решение на проблемот со рудникот Иловица од кои најважниот е дека самиот премиер Зоран Заев дал предизборно ветување дека рудници нема да има. Тие, исто така, потсетуваат дека Заев не го исполнил ниту рокот што сам го даде (крајот на мај) за решавање на проблемот со рудниците во Југоисточна Македонија.
„Владата и Собранието не ја почитуваат јасно изразената волја на граѓаните на референдумите одржани во септември 2017 во општините Босилово и Ново Село, како и на протестниот марш одржан на 16 јуни 2018, под мотото ДА ГО СОПРЕМЕ ПРЕД ДА НЕ СОТРЕ! Владејачката коалиција, и, што е уште полошо, во содејство со опозицијата, во август го попречи изгласувањето на предложените измени во Законот за металични и минерални суровини, кој веќе 11 месеци чека да биде усвоен од Собранието. Концесионерот на рудникот Иловица – Штука „Еуромакс Рисорсис“, веќе две години функционира надвор од законите, а нивните студии се полни со недоследности, се вели во соопштението на организациите „Здрава котлина“ – Струмица , „Еко Долина“ – Ново Село и граѓанската иницијатива „СПАС за Струмичка котлина – СТОП за рудникот на смртта“.
Еколозите потсетуваат дека самиот премиер истакнал дека постојат најмалку три-четири правни основи за одземање на концесијата. Според нив, „поединци од претходната и сегашната власт криминално го штитат „Еуромакс Рисорсис“ и притоа се прекршуваат сите меѓусебни договори, законите и Уставот на РМ“.
„Ова не е владеење на правото, туку пример за коруптивна зделка која ги става под сомнеж сите кои не сакаат да ја решат во полза на граѓаните. Наводните измени на технологијата за експлоатација воопшто не се во согласностсо законите на Република Македонија и како такви се целосно надвор од утврдена процедура која треба да биде иста за сите. Ваквите криминални дејности се потенцијална општа опасност и можат да предизвикаат масовна катастрофа“, се вели во соопштението.
Според екологистите, локалните самоуправи на општините Босилово, Ново Село и Струмица во овој случај не застанале во заштита на граѓаните што, заедно со сите претходно изнесени факти, влијаеле на националниот референдум одржан на 30 септември 2018, директно засегнатите општини Ново Село и Босилово да имаат рекордно ниска излезност, најмногу поради неисполнувањето на ветувањето за сопирање на рудникот.
„Ние сме свесни дека проблемот со рудниците е наследен од претходната власт, за што силно сме ја критикувале, но новата власт презеде обврска пред граѓаните дека ќе го реши проблемот. Проблемот се уште не е решен. Во меѓувреме, цело струмичко и Југоистокот се чувствуваат егзистенцијално загрозени од потенцијалниот рудник, кој доколку биде отворен од благородната Струмичка Котлина ќе направи економски, национално и културолошки деградирана и иселена пустелија“, се вели во соопштението.
Извор: МЕТА