автомобили сообраќај

Еколошката такса за горивата „заглави“ во Собрание, бројот на дизел возила зголемен за 160.000 за 8 години [инфографик]

Иако беше ветувана дека ќе стартува од 1 јули, еколошката такса за горивата не профункционира до денешен ден, а нема најава дека дополнителното поскапување на горивата ќе се случи во наредниот период. Планирано беше еколошката такса да се воведе за нафтата, бензините и сите останати нафтени деривати. Ова би ги стимулирало граѓаните да вградат плински уреди во возилата, како и да се насочат кон користење на електрични возила, јавен превоз или велосипеди и тротинети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и емисијата на стакленички гасови.

Од Владата за „Мета.мк“ велат дека еколошката такса за нафтени деривати е обработена во предлог-законот за животна средина, но тој сѐ уште се наоѓа во собраниска процедура. Од извршната власт додаваат дека примената на одредбите од овој закон може да започне по изгласувањето во Собранието и неговото стапување во сила.

Сепак, помеѓу пратениците на власта и опозицијата во парламентарниот дом не постои консензус околу воведувањето на еколошката такса, за што од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште летово жестоко се спротивставија на овие законски измени и рекоа дека ќе го блокираат неговото донесување. Во меѓувреме, и цената на нафтените деривати во земјава продолжи да расте како резултат на зголемувањето на нејзината вредност на светските берзи, додека од Институтот за економски истражувања Фајнанс Тинк советуваа дека нејзиното воведување може да има еднократен краткорочен ефект врз инфлацијата, и како таква, еколошката такса треба постепено да се воведува во наредниот период.

Мнозинството увезени возила кои се тркалаат по патиштата возат на нафта

Од друга страна, најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека мерки од страни на властите ќе мора да се преземат, бидејќи користењето на нафтата во транспортот во континуитет расте во земјава. Статистичките податоци од 2012 година велат дека во земјава имало 118.109 возила кои се движат на нафта. Наспроти ова, во 2020 година бројот на превозни средства кои ја користат нафтата, односно дизелот, е зголемен на 278.096 возила. Ова значи дека за само осум години бројот на моторни превозни средства кои ја користат нафтата пораснал за речиси 160.000.

Бројките на ДЗС покажуваат дека бројот на возила кои користат бензин се намалуваат. Лани превозните средства кое го користеле ова погонско гориво изнесувал 201.257 возила или за 14.325 возила помалку во споредба со 2012 година. Возилата кои користат бензин и гас лани биле симболично зголемени на 12.023 возила, што е минимален пораст од 965 возила во однос на 2012 година. Бројот на електрични автомобили и други превозни средства кои имаат минорен удел во загадувањето бил минорен.

Владата на седницата одржана на 22 јуни годинава донесе одлука за зголемување на еколошката такса, по што Министерството за животна средина и просторно планирање пристапи кон измена на Законот за животна средина и зголемување на давачката за увоз на нафтените деривати во земјата за 3,5 денари за моторен бензин со содржина на олово повисока од 0,013 г/л и авионски бензин, гориво за дизел мотори, екстра лесно масло за горење и масло за горење М1, М2 (мазут), како и зголемување од 3,1 денар за моторниот безоловен бензин со содржина на олово до 0,013г/л како помалку загадувачки нафтен дериват во однос на останатите предвидени деривати.

Инаку, досегашните истражувања научно потврдија дека транспортот е вториот по големина загадувач на воздухот во градовите во земјава, по начинот на загревање на објектите во текот на грејната сезона. Покрај ова, зголемувањето на бројот на регистрирани возила во земјава, а особено дизелашите, водат кон растечки емисии на стакленички гасови од транспортот, кои доведуваат до климатските промени. Ако се погледнат податоците во секторот Енергетика, во 1990 година транспортот имал удел од 8,2 отсто во создавањето на штетните гасови мерени во јаглерод диоксид, додека во 2016 година неговиот процентуален удел се зголемил на дури 28,1 отсто.

Еколошките налепници за возилата чекаат на реализација

Во однос на планираното воведување на еколошките налепници за возилата во земјава, црвените, жолти и зелени налепници кои требаше да ги класифицираат возилата според степенот на испуштање на издувни гасови во моментов не се функционални.

Од Владата на РСМ ни посочија дека Министерството за економија изработило правилник, со кој се пропишува постапката за определување на еколошката категорија на возилата, формата, содржината и начинот на поставување на еколошката налепница, како и висината на трошоците за утврдување на еколошката категорија на возилото и за изготвување на еколошка налепница и истиот го достави на мислење до Секретаријатот за законодавство.

„Во моментов, согласно забелешките на Секретаријатот за законодавство, се работи на правно-техничко и редакциско подобрување на текстот на правилникот“, велат од Владата без дополнително појаснување за тоа кога би профункционирале еколошките налепници за возилата во земјава.

Инаку, поминаа речиси три години од првичните најави на централната власт дека  еколошките налепници на возилата ќе профункционираат, со што би се ограничило движењето на оние автомобили и други превозни средства кои испуштаат поголем обем на штетни честички во воздухот во периодот на денови со високо загадување на воздухот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

пожари стрништа ниви

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Од обвинителството за Мета.мк брифираат дека во државата нема регистар на шуми и обвинителството тешко може …