Економски совет: Гасификацијата е од приоритетно значење за Прилеп
Пишува: Зоран Милошески
Гасификацијата на општина Прилеп, како еден од приоритетите за економски развој во претстојниот период, беше единствена точка на дневниот ред на седницата на Економскиот совет, кој заседаваше во проширен состав.
Самиот податок дека покрај членовите на Економскиот совет на Прилеп, на седницата присуствуваа претставници на сите позначајни стопански субјекти од градот, доволно зборува за сериозноста со кој Општина Прилеп и бизнис секторот ѝ пристапуваат на гасификацијата. Истовремено, причината која на едно место ги собра речиси сите субјекти од индустријата, од комерцијалниот, јавниот и услужниот сектор, малите и средни претпријатија и граѓаните, беше важноста од квалитетното и успешно извршување на подготвителните работи, за изработка на идејниот и основниот проект за изградба на секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа во градот.
Градоначалникот Илија Јованоски, под чие водство функционира Економскиот совет, рече дека гасификацијата е од огромно значење за градот, заради што и тој како прв човек на градот, но и Општина Прилеп, ги ставаат во функција сите расположливи капацитети за успешна реализација на овој капитален проект.
„Вклученоста на сите стопански субјекти и на граѓаните, кои треба да го кажат своето мислење за оправданоста на гасификацијата, е од исклучително значење за проектот. Треба да се утврдат постојните и идни капацитети за енергија, како и подготвеноста на компаниите за замена на постојните енергенси со природен гас. Со употребата на природниот гас и развојот на гасификациониот систем, во голема мера ќе се намали емисијата на јаглероден диоксид, сулфур диоксид и азотни оксиди во атмосферата. Ова практично значи дека со гасификацијата ја заштитуваме животната средина и природата“, истакна во своето излагање градоначалникот Јованоски.
Проектот за гасификација ќе се одвива во неколку фази. На седницата на Економскиот совет, компаниите беа известени за потребата од пополнување на таканаречените “енергетски картички“, кои ќе придонесат за комплетирање на целосната слика за прилепското стопанство, во функција на создавање база на податоци за спроведување на проектот. Истовремено, на општинската веб страна ќе биде поставена онлајн апликација, каде фирмите ќе можат да ги оставаат потребните параметри, а ќе биде спроведена и анкета со граѓаните кои ќе ги искажат нивните потреби, мислења и очекувања од гасификацијата.
Сето ова ја опфаќа првата фаза од имплементацијата на проектот. Во втората фаза ќе биде објавен тендер за проектирање на секундарната мрежа, во третата ќе почне изградбата на инфраструктурата, а четвртата фаза ќе значи почеток на функционирање на гасификацијата, на почетокот за јавниот и стопанскиот сектор.
Надворешниот советник за проектот за гасификација на Прилеп, Кирил Настески, потенцира дека станува збор за еден од најголемите капитални објекти од областа на инфраструктурата во општина Прилеп, кој ќе чини над 4 милиони евра и чија изградба, според физибилити студијата, ќе трае 3-4 години.
„Ова е капитален објект во кој ќе бидат вклучени сите субјекти од општината, пред се’ бизнисот како голем потрошувач на енергијата. Имаме доволно време да ја завршиме работата. На основа на добиените податоци добиени од стопанските субјекти и пристигнатите средства, Општина Прилеп ќе може да ги реализира споредните цевководи низ градот, без разлика дали дотогаш ќе биде пуштен главниот цевковод. Секундарната мрежа ќе биде дефинирана со основниот проект, за кој општината треба да распише тендер. Се работи за мрежа од околу 20 км, која сукцесивно ќе се зголемува со текот на изградбата, а со која ќе стопанисува јавно претпријатие кое ќе биде формирано за таа цел“, нагласува Настески.
Со Стратегијата за развој на енергетиката на Република Македонија, дефиниран е најпогодниот енергетски развој на енергетскиот сектор во државата, чија цел е обезбедување сигурно и квалитетно снабдување со енергија, односно потреба од обезбедување на сите предуслови за поголемо искористување на природниот гас како енергенс. Проектираниот систем на магистрални гасоводи низ државата, обезбедува испорака на природен гас низ целата територија на Република Македонија. Од постојниот гасовод „Гама“, општина Прилеп е опфатена со магистралниот гасовод Клечовце-Кавадарци-Битола. Во таа насока се и изработените проекти за изведба на Делница 2, Кавадарци-Битола, која обезбедува квалитетно снабдување со почисти извори на енергија на Пелагонискиот регион, од каде со природен гас ќе се снабдуваат општините Прилеп, Битола и Крушево, како и РЕК „Битола“.
Градежните работи на Делница 2 се одвиваат со полн интензитет и тие во моментов се изведуваат во околината на населените места Тројаци и Беловодица. Нивното завршување за територијата на Прилеп, се очекува на почетокот на 2019 година.