На иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски, денеска се одржа седница на Економскиот совет на општина Прилеп.

Пред прилепските стопанственици, градоначалникот Јованоски ги презентираше тековните проекти на Општина Прилеп, како и оние чија имплементација започнува во текот на овој и следните 2-3 месеци.

Исто така, на средбата се разговараше за проблемите со кои се соочуваат стопанските субјекти од градот, за нивните потреби, за деталните урбанистички планови, како и за состојбите во спортот, пред се’ во фудбалот и ракометот и помошта која фирмите можат да им ја дадат.

„Ќе зборуваме за деталните урбанистички планови во градот и потребите кои ги имаат стопанствениците. Сакам да зборуваме за спортот, за фудбалот и ракометот. Една од главните компоненти кои сакам да им ја претставам на стопанствениците, е презентацијата на проектите кои ги реализира Општина Прилеп, со посебен осврт на Градскиот стадион чија фаза на реконструкција е во завршеток. Благодарение на изведувачот, фирмата ‘Изофас’ која максимално се ангажираше да го заврши стадионот до крајот на оваа градежна сезона. Се надевам дека и Фудбалската федерација ќе заврши со поставувањето натревникот, така што ако се’ биде според планот од нивна страна, на 3.ноември на Градскиот стадион ќе гледаме фудбалски натпревар“, изјави градоначалникот Јованоски.

Ирена Јакимоска, претседател на Регионалната канцеларија на Стопанската комора за Прилеп, рече дека еден од најголените проблеми е немањето реална слика за понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

„Од тие причини, Регионалната канцеларија се обрати до Агенцијата за вработување, од каде дознавме колкав е бројот на активни баратели кои сакаат да остварат работен однос. Во моментов правиме интервјуа со нив, зошто и покрај тоа што им се нуди работна позиција, тие немаат интерес да се вработат. Бројката вели дека постојат 6.964 активни баратели на работа, а од друга страна стопанството се соочува со проблем на наоѓање работници за да можат фирмите да ги реализираат своите бизнис планови. Најважно е да се ‘прочешла’ списокот, да се види реалната состојба за побарувачката и понудата, после што ќе одиме со конкретни мерки за надминување на недостигот од работна сила“, нагласи Јакимоска.

Како што потенцираше Јакимоска, во моментов Регионалната канцеларија на Стопанската комора работи на собирање на информации од компаниите, кои треба да кажат кои се нивните планови и потреби за следните 5 години.